Министерот за земјоделие Љупчо Николовски денес се сретна со земјоделците од Росоман, кои изминативе денови протестираа со фрлање на праските, поради ниската откупна цена и слабиот пласман.
Во разговор со нив, тој се информираше за сите проблеми со кои се соочуваат во годините назад.
Им пренесе дека ќе добијат поддршка од државата, шест денари по килограм праска предадена во преработувачките капацитети.
Покрај проблемите со откупот, овоштарите посебен акцент ставија и на пробелмите со одговорните лица од АД Водостопанство. Обвинија дека годинава водата за полевање на овошките не била пуштена повеќе од 30 дена, поради што родот бил со лош квалитет.
Освен овоштарите, и лозрите во Тиквешијата неретко се жалат на проблеми со недостиг на вода за наводнување на културите.
И покрај тоа што уредно ги плаќаат фактурите секоја година, во време на наводнување, губат денови и ноќи на нивите чекајќи ја водата да протече.
Николовски вети дека и тој проблем ќе биде надминат.
,,Имаме проблем кој што е суштински овде, со пуштањето на системот за наводнување и со водата. Тоа е нешто недозволиво и за тоа мора да се сноси одговорност. Тоа е една од причините во нашите анализи заради ваквиот квалитет на праската.
Веќе е започната постапката за смена на раководната структура во АД Водостопанство, затоа што тоа што денес го слушам од луѓето овде е токму непрофесионалниот однос и функционирање на оваа институција во Македонија” – потенцираше министерот.
Вики Клинчарова