Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска од пред Собранието уште еднаш го повика претседателот на собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски, итно да закаже седница на комисијата за да се разгледаат и усвојат предложените измени на законот за земјоделско земјоделско земјиште.
„Повеќе од еден месец претседателот на собраниската комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски ги блокира измените во законот за земјоделско земјиште. Измени во законот предложени по скратена постапка уште на 19 февруари, а со кој предвидуваме можност земјоделците што имаат истечен договор за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, да можат непречено да го користат, се до склучување на нов договор и за истото да остваруваат право на субвенции во перидоот на изборниот процес“, изјави Николовски.
Преку овие измени се овозможува, на тие закупци правото на користење на земјиштето, во овој период, во единствениот регистар на земјоделски стопанства да им биде запишано по службена должност на МЗШВ, без барање и трошоци за земјоделците за елаборати и административни такси.
„Нагласувам дека предложените измени се системски, бидејќи пополнуваат една огромна правна празнина, која сега и во иднина ќе ги засега сите закупци, односно преку 10.000 закупци. Со законот пред се предлагаме користењето на државното земјиште, од истекот на договорот за закуп, до склучувањето на нов договор за закуп, да биде законски регулирано и за користење на тоа земјиште во тој период закупците да можат да ги остваруваат сите права, кои им следуваат по основ на таквите договори“, изјави Николовски.