Вицепремиерот за антикорупција Љупчо Николовски формирал работна група за анализа на законите и другите прописи во кои се предвидуваат дискрециони овластувања на функционерите, во која самиот со дискреционо право номинирал член од редовите на Антикорупциската комисија, вели претседателката на ДКСК Билјана Ивановска за МКД.
-Се обративме со барање до кабинетот на вицепремиерот со образложение дека согласно статусот и положбата на ДКСК во правниот и институционален систем во РСМ, како самостојно и независно тело, да ни се достави формално барање ние да номинираме член во работната група согласно областа и предметот на работа на работната група. Во одговорот што беше доставен од страна на вицепремиерот се наведува дека тој постапил согласно заклучокот на Владата со кој тој се задолжува да формира работна група, без притоа да се обрати на која било државна институција со цел на номинација на експерти. Тој наведе дека членовите на работната група се избрани исклучиво врз од критериумите на стручност и компетентност и дека сите членови на работната група имале долгогодишно искуство во проучувањето на дискрециските овластувања – вели Ивановска.
Таа додава дека Комисијата писмено побарала да номинира член во работната група, но, како што вели, од Николовски добиле одговор дека согласно владиниот заклучок тој има дискреционо право да формира свој тим со експерти кои ќе работат на прописите за дискрециони овластувања.