Дарио Николовски се повлекол од директорската позиција во Агенцијата за привлекување на странски инвестиции и станал прв човек на Државен студентски дом – Скопје, под чија капа спаѓаат сите студентски домови во главниот град.
-Студентските домови предолго беа запуштени од претходната власт, а распределбата на легла се вршеше по партиски клуч. Ја преземам оваа одговорна позиција со цел да ги променам работите и начинот на кој студентските домови функционираат – вели Николовски.
Тој истакнува дека негови приоритети ќе бидат подобрување на условите во домовите, департизација и фер пристап до домовите согласно прописите, како и враќање на довербата во оваа институција.
-Во претстојниот период ќе се фокусирам на градење на тим и евалуација на реалните состојби во домовите. Многу брзо потоа ќе излеземе со план за менување на состојбите на подобро – порачува Николовски.
Инаку, Николовски е дипломиран правник, кој своевремено работел во шпедицијата Караорман и во компанијата со мешовит капитал Ѓиан Вики, каде бил раководител на секторот за човечки ресурси.
Неофицијално, на негово место во Агенцијата за странски инвестиции треба да биде именуван кадар на ДУИ.