Криминалот на власта има огромни последици по безбедноста и сигурноста на граѓаните. Со поплавите на површина испливаа целото неодговорно и криминално работење, за кое со документи алармиравме уште во јануари оваа година, рече на денешната пресконференција Љупчо Николовски, член на Извршниот одбор на СДСМ.
Од парите за чистење на канали близу 700.000 евра, завршиле во фирмата „Трансмет“.
– Нејзиниот сопственик Сеад Кочан, на почетокот на оваа година ја отвори и ТВ Нова, уште една телевизија на која можат да се слушнат многу пофални зборови за власта. Се работи за „оној што има Сеат Ибица“, како што би рекол Никола Груевски, а слушнавме во „Вистината за Македонија“. Близу половина милион евра завршиле кај Силекс Неметали, фирма во сопственост на Силекс АД Кратово, која пак е во сопственост на коалициониот партнер на Груевски, Љубислав Иванов – Ѕинго, чиј син е пак сопственик и на Сител телевизија – рече Николовски.
Во време на склучување на договорот со Силекс Неметали и исплата на парите, додаде тој, министерот за земјоделство Михаил Цветков, е член на Управниот одбор на Силекс АД Кратово.
– Тоа е класичен судир на интереси, за кој веќе поднесовме кривична пријава и очекуваме разврска. Еве го и договорот кој Министерот го склучил со фирмата која е во сопственост на друга фирма каде тој бил член на Управниот одбор. Токму врз основа на овој договор, тежок половина милион евра, кон крајот на 2014 и почетокот на 2015 година, требало да се чистат каналите во Скопско поле. За ова и за сите други злоупотреби направени на сметка на безбедноста и животите на граѓаните, виновниците ќе одговараат. По 11 декември доаѓа нова влада на која приоритет ќе и бидат граѓаните, а не полнење на приватни џебови – порача Николовски.