Фирмата „Корал“ застапувана од сопругата на градоначалникот на Демир Капија, Виолета Димитрова во 1998 година со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија склучува договор за долгорочен закуп на земјоделско земјиште во површина од 848 хектари на 30 години. Во 2012 година Виолета Димитрова го отстапува целосно својот удел од фирмата „Корал“ на АЛЕКСАНДРИЈА – КОРП ДОO, фирма основана од странски инвеститор. Според договорот, продавачот, сопругата на градоначалникот, се обврзува да ги прифати сите барања кон друштвото за неплатени даноци, придонеси и други обврски кои се настанати пред датумот на потпишувањето на договорот.
Со вакви информации во кои се открива нова злоупотреба на субвенциите за земјоделското земјиште денеска излезе дополнителниот заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски. Според него, новата злоупотреба е поврзана со семејството на градоначалникот на Општина Демир Капија, Трајче Димитриев.
– Кога странскиот инвеститор ја презема „Корал“ во 2012 год., за во 2013 година да отпочне со работа, од банките добива информација дека сметката на фирмата е блокирана поради долгови направени пред преземање на фирмата. Фирмата должи околу 200 милиони денари и тоа кон државата, банки и други доверители – рече Николовски, покажувајќи ги документите.
Тој објаснува дека сопругата на Димитриев, на 11 декември 2012 година е избришана од Централниот регистер на Македонија и како сопственик и како управител на фирмата што се гледа од историјатот на фирмата „Корал“, а на 18 септември 2013 година или десет месеци подоцна, склучила Договор за цесија со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
– Договорот е потпишан од министерот Љупчо Димовски а на договорот има само потпис на претходниот сопственик и управител но не и печат на фирмата „Корал“. Експресно, за само еден ден овој договор се спроведува и се добива решение за пребивање и исплата на средствата за субвенции во износ од околу сто илјади евра. Постои уште еден доказ за тоа дека сопругата на градоначалникот на Демир Капија, Виолета Димитрова, потпишала барање за исплата на субвенции и за следната година во име на „Корал“ иако не била ниту сопственик ниту управител и во тој период 0 вели Николовски.
Тој приложи и известување од платежната агенција потпишано од директорот Тони Димовски.
– Пред да продолжиме во целост со овој и другите случаи и фирми на овој локален моќник поврзани со тоа како се доделува државното земјите и субвенциите и во чии џебови одат субвенциите се поставуваат повеќе прашања: Како може некој што не е ниту сопственик ниту управител на фирма да бара исплата на стотици илјади евра субвенции од државата? Како може министерот Љупчо Димовски да потпише договор со лице што повеќе не е сопственик и управител, а директорот на Платежната да донесе и потпише решение за исплата на овие средства? – додаде дополнителниот министер.