Николовски: Можен криминал во Боречката и Скијачката федерација

by fokus

Вицепремиерот за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски денеска информираше дека до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција доставиле документација која оди во прилог на можни злоупотреби во Скијачката и во Боречката федерација, што неговиот Кабинет ја добил како преставки за работата на овие две спортски федерации.

Агенцијата за млади и спорт, пак, повела дисциплинска постапка против самостоен инспектор, кој ја испитува работата на овие две федерации поради тоа што, како што велат оттаму, постојат сериозни индиции за одредени пропусти при вршењето на инсепкцискиот надзор.

– По анализа на претставките во врска со Боречката и Скијачката федерација веднаш побаравме од Агенцијата да биде спроведено детално истражување и на двата случаи и следствено на тоа да бидат преземени соодветни мерки. Притоа беа организирани неколку координативни состаноци со директорот, со другите претставници, со претставници во Владата, но и со подносителите на сите претставки се со цел да добиеме вистинска и реална слика на сето она што се случува во двете федерации, а преку тоа и сето она што се случува во финансирањето на спортот, рече денешната на прес-конференција Николовски.

Тој информира дека во пристигнатата документација информациите што ги добиле од подносителот на претставката против Боречката федерација има соодветни докази за можни злоупотреби и постоење на сомнежи за корупција и криминал – фалсификување на документи, непотизам, нетранспарентност, судир на интереси, недонесени прописи и низа други нерегуларности коишто ја поткопуваат работата на Федерацијата, но, како што рече, можни се и оштетувања на буџетот и на институцијата и на државата.

– Претставката против Скијачката федерација која што беше доставена, исто така, до Владата се однесува на нерегуларности и незаконитости при избор на претседател на Скијачката федерација. Пропратната документација содржи и материјали и докази за фалсификување и злоупотреба на потписи на одредени лица од скијачките клубови, непочитување на одредбите од Статутот на Федерацијата за одржување на вонредно собрание за избор на претседател, можни злоупотреби на дејноста на одредени скијачки клубови и други активности. Од претставките што пристигнаа во мојот кабинет и од приложените документи јасно се гледа дека постојат нерегуларности во работата на федерациите кои треба да бидат промотори на спортот, но и беа констатирани или се констатирани пропусти и во делот на инспекциската служба, истакна вицепремиерот Николовски.

Притоа, соред него, за илјадници евра буџетски средства, кои преку Агенцијата за млади и спорт им се доделени на овие федерации нема оправдување со фактури и соодветна документација, која што е пропишана согласно законот како се трошат сите средства на граѓаните.

– Ова е причина за иницијатива за одговорност во поглед на надлежностите што ги имаме и директорот на Агенцијата за покренување на соодветни дисциплински постапки, но и на институциите за покренување на сите останати постапки согласно Законот се со цел расчистување на сите овие случаи. Недозволиво е злоупотреба на службена должност за какви било лични цели и за тој и за секој еден случај во овој поглед треба да се сноси одговорност. Мора да има ред, правда и дисциплина во секоја институција и во секој сегмент на општеството. Секој службеник мора да работи согласно законите, да биде сервис на граѓаните, свесно и одговорно да си ја извршува својата задача за која што е платен и да биде чувар на парите на граѓаните и да работи, како што кажав, во служба и во интерес единствено на граѓаните, потенцира вицепремиерот.

Николовски нагласи дека секоја дополнителна документација што ќе биде доставена на увид ќе биде доставена до надлежните органи за откривање и сузбивање криминал, но и за, како што рече, испорачување на правдата се со цел спроведување на детална и целосна истрага од институциите согласно законските алатки коишто ги имаме.

– Овие заеднички и координирани активности се доказ дека нема недопирливи и истовремено ја праќаат јасната порака дека секаде во секоја институција каде што ќе се утврди незаконско постапување, злоупотреби и корупција неселективно и бескомпромисно ќе се постапува, ќе се проследуваат сите информации и материјали до надлежните институции, но и јасно, јавно ќе бараме одговорност и разрешување во секој еден поглед, рече Николовски охрабрувајќи ги граѓаните да пријавуваат корупција.

Тој најави дека со сите сили ќе се борат во сузбивање на оваа појава во секој сегмент на општеството.

– Нема да дозволиме вакви случаи да ни се провлекуваат низ секојдневието, да ги оцрнуваат институциите, да ја намалуваат довербата на граѓаните во самите институции, да фрлат дамка врз нешто што треба да биде симбол на вредности, на промоција, на државноста, а тоа е пред се спортот. Секој еден случај ќе биде пропратен до институциите. Очекуваме целосна разрешница и во поглед на овие федерации и праќаме јасна и гласна порака дека информациите стигаат од граѓаните до нас и дека ние во секој еден случај без разлика за кој станува збор ќе реагираме и ќе ги преземеме сите инструменти и мерки коишто ни стојат на располагање, истакна Николовски.

Директорот на АМС, Наумче Мојоски, пак, информираше дека по поднесените претставки од Кабинетот на вицепремиерот и по направените анализи, Агенцијата за млади и спорт согласно својата надлежност поведела дисциплинска постапка против самостоен инспектор кој ја испитува работата на овие две федерации.

– Ова го направивме од причини што постојат сериозни индиции за одредени пропусти при вршењето на инсепкцискиот надзор од страна на инсепкторот, од една и од друга страна. Така ќе се создаде можност да се расветлат евидентираните злоупотреби и нерегуларности во работењето на посочените федерации, рече Мојсоски.

Тој истакна дека корупцијата во спортот е спречка за постигнување добри резултати.

– За успешните спортски резултати потребна е добра организација, тимска работа, пред се чесна и трудољубива работа на самите спортисти, како и на клубовите и федерациите кои ги поддржуваат. Спортот е асоцијација на здрав живот, на ферплеј, но и на почитување на правила бидејќи така се стигнува до победи, рече Мојсоски.

Сите федерации, додаде се должни да го почитуваат Законот за спорт и Законот за здруженија на граѓани во зависност од тоа како се организирани и како функционираат, бидејќи само на таков начин може да очекуваме развој на спортот во земјава и постигнување на одлични резултати од страна на нашите спортисти.

Поврзани новости