После поддршката на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за правото на самоодбрана на државата Израел видовме дека се случуваат едни големи би рекол и организирани напади кон него од страна на радикални исламистички структури кои што се закануваат по однос на неговиот живот и животот на неговото семејство, а од МВР не видовме никаква реакција со цел да го заштити претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и неговото семејство, рече Александар Николоски потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, при денешната посета на општина Карпош.
Тој направи и паралела за, како што вели, двојните аршини на МВР, и како министерството под водство на Спасовски во едни случаи експресно реагира, а во други, кога треба да се заштити некој политички неистомисленик на Заев нема реакција.
-Во едни многу, многу поблаги ситуации кога обичен човек ќе го искритикува на пример Зоран Заев или ќе напише нешто за него на фејсбук, полиција влегува во домовите на граѓаните, врши претрес во нивните домови, им одзема лаптоп и мобилни телефони, а овдека каде што имаме директни закани по однос на животот и безбедноста нема никаква реакција, потенцира Николоски.
Николоски го повика МВР да реагира, во спротивно како што кажа тој, тоа ќе значи дека Оливер Спасовски и Зоран Заев ова го прават намерно и тенденциозно.