Дополнителниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска на пресконференција соопшти дека Миленко Неделковски располага со земјиште од 186 хектари, кое го добил од премиерот Никола Груевски за соработката со него.
-Еве ја тековната состојба на корисникот на концесијата НАТУРАЛ ФУД ДОО Градско издадена на 29.12.2015 година. Сопственици се Виолета Неделковска и Друштвото за продукција ВОНДЕР ИНТЕРНАЦИОНАЛ- М ДООЕЛ Скопје. Еве ја и тековната состојба на ВОНДЕР ИНТЕРНАЦИОНАЛ- М ДООЕЛ Скопје издадена исто така на 29.12.2015 година. Сопственик Виолета Неделковска, а управител Миленко Неделковски, миленикот на Никола Груевски. Сите со иста адреса и место на живеење. Со овој договор фирмата НАТУРАЛ ФУД ДОО Градско со само 60 кози користи пасиште кое одговара за 744 грла добиток, рече Николовски.
Тој побара од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој да достави податоци колку субвенции користат, како што рече тој, милениците на Груевски, дали се посетувани од инспекции и дали произведуваат или површините се користат само за земање на субвенции.