Никој не смее да биде заштитен од страна на политичките партии, никој не смее да биде над законот. Неприфатливо е да нема завршница на предмети, тоа предизвикува демотивација кај граѓаните. Институциите мора да бидат капацитетни и да одговорат на сите предизвици, еднакво кон сите. Мојот план е работите да се менуваат во тој правец, изјави вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, во вечерашното интервју во емисијата „Само интервју“, на ТВ Канал 5.
Тој порача дека промените на законите мора да продолжат, да се коригираат и отстранат сите системски слабости.
Осврнувајќи се на работата на министрите и директорите, како и за намалување на дискреционите права на функционерите потенцираше дека ќе бара од сите министри и директори висока отчетност за нивната работа.
-Директори на јавни претпријатија земаат поголема плата од претседателот и премиерот. Јавноста не ги знае, а имаат највисоки плати, највисоки привилегии. Не може да имаат такви примања тие директори и да не носат одговорност. Во нашето живеење се вкоренети навики каде се мора да е со протекции и врски. Баш против тие протекции ќе се борам. Дневно имам илјадници пораки од граѓани за ситни потреби. Тие самите се научени дека така полесно доаѓаат до решение. Јас одговарам на сите и ги процесирам тие работи колку што можам, но мораме да го промениме системот за да граѓаните почнат да веруваат дека преку системски и институционален начин тоа можат да го остварат. Сум бил министер и знам како се одвиваат внатре работите и се префрла одговорноста – не е до мене, до друг е. Мораме навиките да ги промениме секаде и затоа е оваа координативна функција воведена, рече Николовски.