Предвремената кампања на СДСМ резултираше со тоа над 80 луѓе од врвот на СДСМ и 200 лица само од УЈП да завршат во самоизолација, истакна потпретседателот Александар Николоски за Канал 5. Како што посочи тој, дел од нив се луѓе кои не смееле да бида на партиски состаноци, посочувајќи ги директорите на Агенцијата за разузнавање и на Управата за финансиска полиција, Еролд Муслиу и Арафат Муареми. Според него, тие се контролирани од потпретседател на СДСМ.
-Дел од луѓето кои што се во самоизолација се луѓе кои што во опис и попис на своите работни задачи не смеат да бидат во партиска функција како на пример директор на финансиска полиција, или директор на Агенција за разузнавање. Тие треба да се независни институции. Едната е дури под претседателот која што не смее да биде под партиска координација, но гледаме дека биле во партиска координација – рече Николоски.
Според него, лидерот на СДСМ Зоран Заев сака брзи избори за да постигне подобар резултат, што, истакна тој, е неодговорно и нечовечки.
-Апсолутно треба да се случат избори, на кои што граѓаните треба да го дадат својот глас, но тие избори може да се стаса само преку два чекора. Првиот чекор е сериозна битка сега со вирусот, за да почнат овие бројки да се намалуваат. И вториот чекор е консензус кој што би се постигнал помеѓу сите политички партии со еден отворен дијалог – порача тој.