Николоски за „Фокус“: Сега СДСМ треба да одговори дали ја прифаќа нашата понуда

by fokus

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вечерва во кус коментар за „Фокус“ вели дека ставот на партијата денеска бил јасно презентиран од партискиот лидер Христијан Мицкоски. Според него, следен чекор по денешната лидерска средба е СДСМ да одговори дали ја прифаќа нивната понуда или не.

Ние понудивме победничка опција за Македонија која опфаќа и интеграција во ЕУ и зачуван идентитет. Очигледно за Ковачевски поважно е ДУИ да не биде опозиција од тоа Македонија да оди напред. Сега е на СДСМ да одговори на нашата понуда, дали ја прифаќа или не, вели Николоски.

Мицкоски денеска по лидерската средба со Ковачевски рече дека премиерот понудил во рамките на Парламентот да почне дискусија и се изгласа потребата за промена на Уставот, а потоа да биде формирана Влада во која што од 10-те ресори кои ги има СДСМ, 5 да бидат на ВМРО-ДПМНЕ. Потоа да бидат завршени уставните измени и да отпочне процесот на преговори, а потоа да се оди на избори.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека се подготвени да влезат  во Влада со СДСМ и останатите партии, но без учество на ДУИ. Освен овој услов, што ДУИ експресно го прифати, Мицкоски бара уставните измени да стапат на сила од денот кога ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките на ЕУ од парламентите на 27 членки. Исто така, услов на ВМРО-ДПМНЕ е и ЕУ да донесе Декларација со која ќе нагласи дека го признава посебниот македонски идентитет, јазик, култура, обичаи и традиции.

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости