Пендаровски нема да коментира додека не се постигне конечно решение за уставните измени

by fokus

Претседателот Стево Пендаровски нема да ги коментира денешните можни решенија за носење на уставните измени кои на маса ги ставија премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, велат од претседателскиот Кабинет за „Фокус“.

Претседателот Пендаровски не би коментирал затоа што на лидерската средба не е постигнат договор во однос на ниту еден од понудените предлози, е кусиот одговор од Кабинетот на нашето барање за коментар на предлозите кои денеска ги изнесоа СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Предлогот на СДСМ е сите заедно да ја изгласаат потребата за донесувањето на уставните измени и веднаш потоа ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата во која ќе добие пет од ресорите кои сега ги има СДСМ. Таа влада во која ќе бидат сите политички партии кои се за евроинтеграциите ќе ги донесе уставните измени, ќе го заврши скрининг процесот и ќе ги отвори поглавјата од преговорите со ЕУ, при што може и да затвори едно или две од поглавјата од првиот кластер. Потоа, истата таа Влада ќе ги организира следните избори.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека се подготвени да влезат  во Влада со СДСМ и останатите партии, но без учество на ДУИ. Освен овој услов, што ДУИ експресно го прифати, Мицкоски бара уставните измени да стапат на сила од денот кога ќе почне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките на ЕУ од парламентите на 27 членки. Исто така, услов на ВМРО-ДПМНЕ е и ЕУ да донесе Декларација со која ќе нагласи дека го признава посебниот македонски идентитет, јазик, култура, обичаи и традиции.

Катерина Смилева Божиновска

 

Поврзани новости