Додека водечките претставници на власта тврдат дека поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков постојано бил во земјава, иако беше недостапен за органите на прогонот, од опозицијата посочуваат дека тој ја напуштил државата, па се вратил назад. Како што вели во изјава за Фокус потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, постојат сознанија и информации дека Мијалков влегол на територија на соседна Србија.
-Има сериозни сознанија и информации дека Мијалков откако исчезна ја напуштил земјава, односно ја минал северната граница и влегол на територија на Србија, за потоа, после преговори и договор со власта, да се врати во земјава. Доколку не е така, зошто никој досега не излезе јавно да соопшти каде точно бил Мијалков додека го немаше? Во кој објект бил сместен и дали е извршен претрес за да се пронајдат траги? – прашува Николоски.
Инаку, поранешниот шеф на тајната полиција исчезна во недела попладне, кога полицијата требаше да му го врачи решението со кое судот, по барање на обвинителството, му определува домашен притвор до изрекувањето на првостепената пресуда во „Таргет-Тврдина“. Додека го немаше, но и откога се појави во вторникот попладне, премиерот Зоран Заев, министерот Оливер Спасовски и обвинителката Вилма Русковска велеа дека нема индиции оти Мијалков ја напуштил државата.
В.С.