Дарко Димитров редовен во евровизиските тимови, годинава е дел од српската песна

by fokus

Нашиот музички продуцент Дарко Димитров и годинава е дел од српската песна која ќе се бори за победа на Евровизија. Наместо фестивалски избор, од РТС информираа дека ќе учествуваат на Евровизија во Ротердам со песна на Сања, Ивана и Ксенија, која ќе биде дело на композиторот Немања Антониќ и македонскиот продуцент Дарко Димитров.

Тој зад себе има богато евровизиско искуство.
Освен што беше дел од авторскиот тим со Роберт Билбилов и Лазар Цветковски и заедно ја компонираа баладата ,,Proud” со која Тамара Тодевска успешно не претстави во 2019 година, тој исто така го направи и аранжманот за песната “Круна” со која Невена Божовиќ истата година ја претставуваше својата земја – Србија, и се избори за влез во финалето.

Пред таа година пак, Димитров замина на Евровизија како автор на песни на две држави. Беше продуцент на ,,Lost and found” со која не претставија „Ај Кју” и го направи аранжманот за песната ,,Нова деца” на Сања Илиќ и Балканика од Србија. Тогаш ,,Ај кју” не влегоа во финале, но Сања Илиќ и Балканика се пласираа и завршија на 19-то место.

Исто така, во минатото тој беше дел од авторскиот тим на „To the sky“ на Тијана, „Пред да се раздени“ на Есма и Лозано, „Нинанајна“ на Елена Ристеска, и на албанските песни во 2015 и 2020 година.

Според ЕБУ, еден композитор може да учествува со повеќе нумери, а може да оди на настанот како дел од авторскиот тим на онаа држава за која самиот ќе одлучи.

Годинава нашата земја на Евровизија 2021 ќе ја претставува Васил Гарванлиев, со песна која самиот ја напишал. Насловена е ,,Here I stand” и за неа изјави дека текстот и музиката ги напишал самиот, а пак аранжманот и продукцијата се на Борче Кузмановски (клавијатурист на Нокаут) и Давор Јордановски.

Мери Попова од МРТВ соопшти дека повеќе автори се одзвале на повикот за песна за Евровизија, но тим од музички уредници од Македонската Телевизија и од Македонското Радио се согласиле дека „Here I stand“, најмногу им прилега на вокалните способности и уметнички афинитети на Васил.

Вики Клинчарова

Поврзани новости