Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ при денешната негова посета во Неготино запрашан за коментар за ставањето на Катица Јанева на црната листа на САД рече токму првиот човек на СЈО ја користела позицијата за сопствен бенефит и за сопствена корист наместо за враќање на правдата во Македонија.
-Па мислам дека тоа е најдобриот доказ и потврда за злоупотребите кои што се правеа во Специјалното јавно обвинителство, кое што беше креирано да донесе правда во Македонија, но наместо правда донесе неправда. Многу луѓе беа жртви на политички прогон кој што се спроведуваше преку специјалното јавно обвинителство, а првиот човек на тоа специјално јавно обвинителство, веќе и осудена личност сега и на црната листа на САД, јасно е дека ја користела позицијата за сопствен бенефит и за сопствена корист наместо за враќање на правдата во Македонија. Тоа е она што ги боли најмногу луѓето, кажа Николоски.
Николовски во врска со ова посочи дека она кое што луѓето го бараат е воведување на функционален систем на владеење на правото и тоа ќе биде првиот чекор на ВМРО-ДПМНЕ по формирањето на новата влада.
-Најниска е довербата во судството и во обвинителството, а луѓето најмногу бараат воведување на функционален систем на владеење на правото и тоа ќе е нашиот прв чекор после формирањето на влада, тоа е воведување на ред и сите оние кои што правеле криминал и криминални активности да одговараат. Да ги ослободиме судството и обвинителството не на начин што ќе формирање специјални судови или специјални обвинителства, туку ќе ги оставиме постојните судови и обвинителства каде што исклучително чесни и квалитетни луѓе и мислам дека преку 90% се такви сами да си ја работат својата работа. Доколку не им се мешаме ни ние, ниту крупниот капитал, нити било кои други центри на моќ верувајте дека самите ќе ја средат состојбата во државата за брз временски период и планираме тоа да го направиме, порача Николоски.