Филмот „Ослободување на Скопје” во режија на Раде и Данило Шербеџија на неодамна завршениот Интернационален филмски фестивал на филмска режија во Лесковац ја доби наградата за најдобра продукција.
Во Скопје таа беше премиерно изведена во 1977 година, во режија на Слободан Унковски, а главната улога ја играше покојниот Никола Младенов, сопственик на неделникот „Фокус“,во тоа време член на Детската радио драма на Радио Скопје.
Претставата на Унковски ја прикажува сликата за Втората светска војна видена од периферија, низ очите на децата. Приказната го следи седумгодишното дете кое набљудува што се случува со неговото семејство во годините пред крајот на војната. Неговата мајка е принудена да спие со Германец за да може да ги прехрани, бидејќи нејзиниот сопруг е во партизани, а свекорот е во затвор поради комунистичка агитација. На крајот на војната, Германецот е фатен и убиен, а откако сопругот ќе се врати од партизани, мајката се самоубива фрлајќи се во Вардар.
Во македонската претстава, покрај Младенов уште играле и Ацо Јовановски, Нада Гешовска, Снежана Стамеска, Мето Јовановски, Стево Спасовски, Ванчо Петрушевски и други. Претставата се одиграла триесетина пати во објектот на Старата железничка станица во Скопје, каде што се чекал ред за билет повеќе.
Борецот Младенов со своето актерско мајсторство успеал да го одземе здивот на сите кои го следеле престижниот фестивал во Сараево, „МЕСС”, кога и ја освоил и наградата „Златен ловоров венец” за најдобро актерско остварување.
Колегите и познаниците на Младенов тврдеа дека ако не бил голем новинар, ќе бил голем актер. Тој не случајно играл во претстава за ослободување на Скопје, зашто уште од мали нозе се борел за правда и слобода.
Пред да донесе конечна одлука дека новинарството ќе биде негова главна професија, на која и го посвети животот, Младенов својата борба за слобода ја водел преку штиците што живот значат. Неговиот талент за глума и луцидност го привлекувале вниманието на сите околу него, а тие што имале можност да соработуваат со него тврдат дека ширел посебна аура и дека уште во првите актерски точки неговиот талент избил на површина.
Режисерот на претставата Унковски за „Фокус“ објаснува дека детето Никола на фестивалот во Сараево бил главна ѕвезда, каде сите го фалеле и се воодушевувале на неговата глума и слободна мисла.
– Детската поделба ни се климаше, па двапати ги сменивме децата што играа, се додека не се најде една нова група од детската радиодрама, со кои сите бевме воодушевени. Се појави едно дете, со очила, 12-13 години старо, со продорни очи, со една радосна брбливост, со една зрелост неадекватна за возраста. Така, Николче заигра главна улога во мојата претстава, лесно, уверливо, точно и потресно. Останатите актери го обожуваа, беше слободен, секогаш весел, и сите постојано бевме на штрек, зашто не се знаеше што ќе изведе и како ќе се шегува – раскажува Унковски.
Тој дури потсетува дека Младенов сакал да се запише на Факулетот за драмски уметности во Скопје, но како што вели, поради мене или поради него, не го примија. Исклучително надежниот актер подоцна решава својот стремеж за бескомпромисна слобода, покрај уметноста, да го преточи низ борбеното, револуционерно, вистинољубиво и остроумно перо, најпрвин како уредник во „Млад Борец“, а од 1995 година како основач и сопственик на неделникот „Фокус“.
Младенов неколку пати има речено дека еден ден ќе ја плати цената за слободата што ја посакува, но не знае како и на кој начин.
И.М.