Предвремените избори не се цел сама по себе, ниту пак можат да бидат решение за кризата со големо К, без претходно исполнување на вистинските цели на Договорот од Пржино, укажува поранешниот македонски амбасадор во САД и Холандија и преговарач за името, Никола Димитров. Во интервју за Дојче веле тој ги сподели неговите ставови за ризиците што ги носи делумното исполнување на Договорот, како и за одговорноста на сите македонски граѓани да партиципираат во градењето стабилна држава, со систем еднаков за сите.
ДВ: Договорот од Пржино по вторпат за кус период е соочен со опасноста да заврши како фарса. Дали неговите гаранти ја потценија лукративната креативност на власта за реставрирање на сите девијантни политики кои доведоа до кризата, мотивирајќи ја дополнително и со фиксирање на датумот за избори, или има некаков „систем“ во сето ова?
Никола Димитров: Дозволете ми да потсетам со колку длабока институционална криза се соочува Македонија, позајмувајќи од извештајот на Прибе: „Овие снимки според квалитетот, опсегот и бројноста генерално потврдуваат дека се направени во просториите на домашната разузнавачка служба. Содржината на многу од снимките индицира … директна вмешаност на високи владини и партиски функционери во нелегални активности вклучувајќи изборни измами, корупција, злоупотреба на власт и овластување, конфликт на интереси, уцени, изнудување (притисок врз вработени во јавниот сектор да гласаат за одредена партија со закана за нивно отпуштање), тешки прекршувања на процедурите за јавни набавки со цел добивање на недозволен профит…“.
целото интервју ОВДЕ