Никој во правото на може да профитира од зло!

by lali

Деновиве читајќи ги толкувањата на истакнатите ни правници во нашата јадна, јадосана Македонија за тоа што да се прави со мандатите кои ги одбива опозицијата, нон стоп ми се врти низ глава еден славен случај од судската пракса на Апелацискиот суд на државата Њујорк од САД, имено, Riggs v. Palmer од 1889 година.

Случајот нема директна врска со политика и избори, но сепак во делот на правните принципи кои ги (ре)афирмира за правото  и тоа како има врска со политичките и правните бламажи на Изборите 2014.

Токму заради некои од принципите релевантни за целото право, случајот и ден денес е многу актуелен, се предава по сите асални правни факултети, а со цел  да ги изостри студентските умови  на вештините на правната логика и како да „мислат како правници.“

Во тој славен случај, еден внучко дознава дека неговиот богат дедо во својот тестамент го прави за свој главен тестаментален наследник. Арно ама, алчниот и итар млад внучко, за да се обезбеди дека дедово нема да се предомисли, како и за побрзо да се докопа до наследството, го убива дедото со отров.

Најверојатно, како и секој убиец со предумисла, се надева и очекува дека нема да биде откриен, а и да биде откриен, тогашниот закон за наследување во државата не го предвидувал  убиството на тестаторот експлицитно како основ по кој тој како убиец би бил исклучен од наследството на убиениот.

Но, откога внучко е разоткриен како убиец, другите  тестаментални наследници покренуваат спор тој да биде лишен од наследството. По низа правни перипетии, апелацискиот суд конечно пресудува со правно расудување дека кривичната осуда не е доволна и дека добивањето на наследството би водела кон „правен цинизам“ во својот резултат.

Според судот, убиецот треба да биде лишен и од наследството иако важечкиот закон за наследување не ја предвидувал ваквата ситуација црно на бело. Судот својата одлука ја поткрепил со аргументација дека правото се заснова на некои општи правни принципи и начела, меѓу кои, и дека „никој  во правото не може да профитира од сторено зло/криминал“, а секако поврзано со уште еден друг, поопшт правен прицнип – од неправо не може да произлезе право.

АКО НЕ СЕ СЛУЧИЛО СПОРЕД ЗАКОНОТ, ТОГАШ НЕ СЕ СЛУЧИЛО ВООПШТО!

Со други зборови, сѐ што сте добиле или „профитирале“ (некакви права, правни привилегии, правни статус,правни позиции, имот, сопственост, наследство, итн…) со вакви или слични криминални активности, па дали со измами, со кражби, со уцени, со закани, со корупции и сл. не можете да очекувате правото да ви ги признае!

Правото нив ги смета за НИШТОВНИ и ви ги одзема, и тоа со правно дејство ex tunc, што практично значи како да не се случиле. И целата ситуација правно треба да се врати во „првобитната состојба“ (restitution in integrum), некаде буквално и материјално, некаде нематеријално, па дури и симболично.

Е сега, за релевантноста на овие начела за изборите. Деновиве, некои од правниците во државата сенешто се повикуваат на овој-оној член во Изборниот законик во врска со мандатите на опозицијата на начин небаре е ова некоја редовна правна ситуација во која нашата здружена опозиција, онака, малтене чисто од каприц, решила да ги одбие СИТЕ пратенички мандати.

Со ретки исклучоци, сите овие правници се прават „на Тошо“ за опозициските обвинувања и образложение за системска изборна кражба овозможена со киднапирање на државата од владејачката партија, за сите докази и индиции во прилог на тоа кои доаѓаат од повеќе страни, организации, кои го следеа изборниот процес. Никако не им се слуша дека опозицискиот политички  речник „системска изборна кражба на партија споена со држава“ и „однапред не ги признаваме резулатите кои ВО ЦЕЛИНА се резултанта на закани, уцени, корупција, измама“, не само во политичкиот речник, туку истовремено и во правна смисла значат барање за НИШТОВНОСТ на изборите.

Опозицијата практично ни вели: Ние сакаме да ја видиме слободната волја на СИТЕ гласачи и како ТАА ќе ги распредели мандатите! Ние си знаеме дека тие  300.00 гласачи што гласале за нас се израз на волја на граѓани до кои не допрело ниту биле спречени од заплашување, уцена или поткуп, а и не е надвор од умот дека нашата власт „надградена и проширена“ со пософистицирани облици на изборни кражби и измами, и да ги оставила на раат, знаејќи ги како гласачи и симпатизери на опозицијата, или едноставно луѓе кои не се подложни на нејзините облици на „шарм“.

На крајот на краиштата, мора и опозицијата да добие нешто мандати, декор во собраниски пленум, заедно со тоа невкусните палми, толку нетипични за нашето подрачје. Но, ни вели опозицијата, ние имаме право да знаеме колку е специфичната изборна тежина на сите тие гласови според правилата на изборната математика, особено во севкупна корелација на сите оние кои биле под такви незаконски влијанија, а во услови кога таквите влијанија би се отстраниле.

Колку се тие на број, колку гласови се исфабрикувани или резултат на измама? Некои проценуваат дека бројката оди дури и до 100.000 гласа. Ауууу, па каква би била распределбата тогаш на мандатите?! Значи, севкупно, да го немало сето тоа, сите тие незаконитости, колку би биле навистина мандатите на власта, колку на СДСМ и здружената опозиција, колку на другите партии?

Опозицијата не сака „квота“ на мандати што ќе и ги „подари“ владејачката партија откога ќе си наштимува бројки за своите посакувани мандати! Сите мандати се ништовни, затоа што целиот процес е контаминиран со изборен криминал и целата изборна математика е криминална!

Тие реални гласови за опозицијата белким не се дадени за да бидат дел од изборната хокус-покус математика на ДПМНЕ во која најдиректно се негира нивната вистинска специфична тежина, и онака веќе во дискриминирачка дефлација со тежината на гласовите од дијаспората (околу 200 гласови за пратенички мандат наспрема колку во РМ ..?!).

АКО ИЗБОРИТЕ СЕ НЕЛЕГИТИМНИ, ТОГАШ И МАНДАТИТЕ СЕ НЕЛЕГИТИМНИ!

Настрана што нашите уважени правни експерти имаат перде на очите за школски примери и индикатори дека владејачката партија ефективно ја укина самата смисла на изборите како правно-политички механизам за конституирањето на политичките власти во државата, особено ШАНСАТА за воопшто да дојде до евентуална смена на власта, шанса која е закопана и забетонирана од сите можни страни, пред се, со најфлагрантно монополизирање на државата и сите нејзини ресурси и механизми!

Сумарно: од неправо не може да произлезе право (мандати)! Никој, дури ни опозицијата, дури и да сака, не може да профитира со аминување на еден криминален изборен процес во кој е негирана слободната волја на граѓанството и највулгарно фалсификувана специфичната тежина на гласовите со „штимување на основицата“ и други хокус-покус методи, од „реинкарнација на гласачи“, преку „клонирање на гласачи“,па се до „гласачи со синдром на повеќеструка личност“ изразена и со соодветен број на лични карти како изборно-психијатриски куративен третман.

Дел од нашите граматички правници (или, вулгарни правни позитивисти!), па и понекој политиколог, кои продефилираа деновиве дури ни како интелектуална вежба на својот академски ум (барем тоа вели тапијата!) не го препознаваат сето тоа што го збори опозицијата.

На тоа што опозицијата вели дека државата и сите нејзини институции се целосно партизирани и блокирани за било какво фер испитување на опозициската (правна) аргументација и факти, за што приложуваат и низа аргументи за третман на сите нивни приговори и за третирање на изборното законодавство што се испреговара како „тоалетна хартија“ во самиот изборен процес, овие папагалски само ја повторуваат демократска мантра дека требало да се учествува во институциите, да се прифателе мандатите, да се бореле во Собрание!? ДА , ама во Шведска! Да, ама во нормални услови кога сите претпоставки на демократијата и правото функционираат!

Што ако опозицијата е во право? Што ако навистина имаме правна ситуација на (целосна) ништовност на изборниот процес?! Дали овие големи (правнички) умови дури и хипотетички би дозволиле некој да профитира од изборен криминал? Од неправо да направиме право (право на мандат)? Од која гасна комора на експертските умови се повикуваат на законските решенија „следниот на листата, па следниот на листата, па…“.

НАУДРЕНИ ЕКСПЕРТИ

Како можат да се прават наудрени за што станува збор во обвинувањето на опозицијата како основа на одбивање на мандатите? Демек не е јасно од нивните искажувања дека не станува збор за некакво редовно откажување, неприфаќање на мандатот на (индивидуалните) пратеници, па да си играат играчки со некакви срамни толкувања и повикување на членови од Законикот кои по својата намена и целисходност воопшто не се однесува на една ваква ситуација ?!

Во редовни ситуации, изборното право и неговите правни лекови се однесуваат на ситуации кои бараат делумна ништовност, во контекстов, локализирано повторување на избори заради нарушување на слободната, еднаквата или тајната волја на гласачите, како и низа други регулирани услови за општата слободна и фер изборна атмосфера и процес.

Може дури и да има и решенија за ситуации кога изборниот процес е значително контаминиран од нерегуларности во оваа смисла на ниво на цела земја, па да се оди на целосно нови избори. Но, во двете овие ситуации правна претпоставка во основата на самото право е дека има животворно владеење на правото и функционални државни институции кои стојат зад него со сета моќ на државата зад него.

Но, никаде и никогаш самото право не може да замисли и предвиди ситуација во која целосно, системски и институционално е киднапирано од политичката арбитрарна волја на една владејачка (партиска) гарнитура која се крие и го узурпира монополот на фактичката сила на државата (финансиска, полициска и друга).

За оние кои го „информираа“ граѓанството дека „Изборниот законик не ја регулирал ваквата ситуација“ што наводно ја предизвика СДСМ и здружената опозиција (да нејќе да е власта која ја предизвика ситуацијата?!), да им посочам дека правото не може да содржи норма која вели „ во случај на мое целосно погазување…. ќе биде ова и ова.“ Тоа е бесмислено од аспект на самата природа на правото, тоа е како Правото самото да си рече: „Јас, Правото, регулирам и наредувам дека од денес не постојам“ (?!).

Натаму, во редовна ситуација на владеење на правото, во принцип, од неправо не можете да правите право (иако има неколку исклучоци кои се апсолутно нерелевантни за темава). Во диктатура  на длабоко партизирана држава на владејачка партија, политичката арбитрарност го укинува, го убива правото. Затоа и е диктатура, тоа е една од нејзините основни карактеристики, таа политичка арбитрарност, самоволие!

Резултанта и големата трагедија на сето тоа е што нема „правен начин“, нема „институционален начин“ да се надмине сето тоа, правото нема таков имунитет да се заштити од неправото на аздисана политичка моќ. Ако е така, одлуката на опозицијата во врска со мандатите е само конечна капитулација пред таа горка вистина. Кога ќе се убие правото од страна на политиката, сите лекови што преостануваат се само политички (или, мета-правни, како што би рекле големите правни умови, дури и еден тврд нормативист како Х. Келзен, таткото на модерното уставно судство).

За да го оживотвориме повторно Уставот, за да го вратиме слободарското и демократското право, треба да се вратиме на „местото на злосторот“ – изборите. Оттука, СДСМ и другите опозициони партии правилно постапија со мандатите, правилно ги зацртаа основниот став и цел уште на денот на изборите, не само од аспект на заштита на своите интереси и политички вредности како легален и легитимен политички субјект, туку и од токму и за заштита на гласот на граѓанството како суверен во земјата, како и од  аспект на среднорочниот и долгорочното здравје, ако не и самиот опстанок на македонската држава.

Како што некои веќе и повикаа и сугерираа, сега треба тоа да се заокружи со и концепт за подетално оперативно делување на политички и граѓански отпор против оваа нелегалната и нелегитимна власт сѐ додека не се обезедат услови за вистински слободни, фер и демократски избори за конституирање (вклучително и шансата за смена!)  на политичките власти во државата !!!

Држава која се заснова на профитирање од криминал и во која од неправо се прави „право“ нема никаква, ама баш никаква иднина, дури и во една Тунгузија, камоли во Европа!

Поврзани новости