Учество на средношколците во носењето одлуки повеќе е формално отколку суштинско, а тоа е основен чекор за квалитетни промени во образовниот процес, е заклучокот на посебниот Извештај на Народниот правобранител за вклученоста на учениците во носењето одлуки.
Заменикот-народен правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа вели дека во услови кога родители или наставници одлучуваат наместо децата за битни прашања, прашање е колку децата во пракса може да го остварат она што се очекува од нив.
Анализата на прашалниците на Народниот правобранител кои беа доставени во 103 средни училишта во Македонија ја потврди констатацијата дека не е законски уредено учеството на учениците во носењето одлуки, изјави Бајрамовска – Мустафа.
Од анализата на Законот за средно образование, утврдено е дека учениците и нивните родители може да учествуваат во носењето одлуки само преку форма на поднесување на приговори и тоа во три случаи – Кога не се задоволни од оценката што ја добиваат на крајот од годината; Во случај на резултатите од екстерното проверување на знаењата, како и за изречена педагошка мерка.