Фолк пејачката и гајдаџика Елена Јовческа ја промовираше својата обработка на големиот хит на Драган Вучиќ, песната ,,Ќе те ќарам”.
За ,,Фокус” вели дека откако песната е пуштена во етер постојано добива комплименти, и ова е прва песна за која не добила ниту еден негативен коментар. Околу тоа како се одлучила да сними верзија на песна од Драган Вучиќ, прилепчанката појаснува дека биле во роднинска врска и уште од детството многу го почитувала како музичар.
-Сопругата на Драган, Весна ми е тетка, по потекло сум од Долнени, Петре Атанасоски ми е дедо. ,,Ќе те ќарам” ми беше омилена песна уште додека бев мала, ја снимив верзијата со многу љубов, се потрудив да биде во модерен стил, софистицирана. За семејството Вучиќ ме врзуваат само убави спомени, тоа се луѓе кои многу ги почитувам. Последен пат кога бев кај нив на кафе, Драган беше жив. Се сеќавам дека разговаравме за здрава исхрана, а потоа и за моите настапи. Тој ме праша зошто никогаш не сум му побарала помош околу моите музички почетоци, како на повозрасен роднина кој со децении беше дел од сцената, јас никогаш не му се јавив да ме покани да му гостувам во емисија… Ни самата не знам зошто, едноставно тие ми се драги луѓе кои ги ценам и сакам – вели Јовческа.
За песната снимила видео запис во хотел во Охрид. Инаку, таа е присутна на естрадата околу 12 години. Освен што пее, свири на гајда и зурла. Има редовни настапи, а пред пандемијата беше честа гостинка кај нашата дијаспора ширум светот.
Вики Клинчарова