На покривот на зграда на бувлеварот „Јане Сандански“ во Аеродром уште во 2013 година била подигната дивоградба како посебна целина во склоп на зградата и ден денеска во неа живеат луѓе. Четири години станарите спорат со своите соседи дека немаат право да го узупираат покривот на зградата, но напразно барале реакции од надлежните.
Решенијата на Општината се покажале немоќни пред овој мал објект кој никнал спротивно на законите. Останатите станари се жалат дека општината не може или не сака да го сруши диво никнатиот објект за што и поднеле кривична пријава против градоначалникот, Ивица Коневски.
-Во 2013 година општината донесе решение да се стопира изградбата, но наместо да постапи по решението, станарката продолжи со градење така што изгради цела една куќа на покривот од зградата која се геда од сите страни, ако се посматра малку оддалечено од зградата – велат соседите.
По поднесената кривична пријава Основниот суд Скопје 1 пред две години донел пресуда со која инвеститорот на дивоградбата се прогласува за виновен и се осудува на казна затвор од 1 година и 6 месеци, а условно за 3 години. Но ниту тоа не било доволно за објектот да биде отстранет. Дивоградбата се уште се наоѓа на покривот од зградата. „Фокус“ се обиде да стапи во контакт со семејството кое ја подигнало, но никој не се јави на нивниот фиксен телефон.
-Осудената ниту го сруши објектот, ниту надлежен орган го одзема објектот. Како тоа се одлага никому не му е познато. Надлежниоте органи од општина Аеродром па и државниот органи од Р.Македонија очигледно се ставија во одбрана на криминалот, во одбрана на дивоградби во одбрана на она што не е дозволено со било каква норма, појдувајќи од позиција на власт да не речиме на сила – вели станарот Пејо Тодевски.
Спротивно на тврдењата на станарите, од Општина Аеродром велат дека им се врзани рацете во постапување при извршување на решението кое го донел општинскиот инспектор за уривање на дивоградбата. Велат дека процесот го кочи судот и полицијата. Појаснуваат дека инвеститорите ја подигнале дивоградбата откако претходно побарале од станарите да учествуваат во санирање на покривот кој прокиснувал. Откако соседите ги одбиле, тие решиле сами да го санираат при што ја подигнале надградбата.
-Тој што го реконструирал покривот се решил на своја рака сам да го подигне повисоко отколку што треба. Инспектор од Општината го регистрирал тоа и побарал кровот да се врати во првобитна состојба. Нашиот инспектор побарал и да се плати казна од 1.500 евра, што инвеститорот ја платил, но не постапил по решението – велат од Општината.
Инспекторот, додаваат од таму, побарал дозвола од судот за да влезе во домот на инвеститорите, а од таму и на покривот, но судот се прогласил за ненадлежен да дава такви овластувања.
-Потоа инспекторот се обрати до полицијата каде побара асистенција. Од таму добивме одговор дека станува збор за небезбедно место и поради тоа не можат да асистираат во отстранување на надградбата. На инспекторот му се врзани рацете да постапува во случајот. Затоа чекаме да се смени законската регулатива, за да им се овозможи на инспекторите да постапуваат – посочуваат од Општината.
Од таму велат дека причината зошто станарите на зградата се решија сега да реагираат во јавноста е поврзана со локалните избори. Досегашниот градоначалник, Ивица Коневски, се кандидира за трет мандат во оваа Општина.
Маја Васева