Никако да заврши сагата на Онкологија: Со часови најтешко болните пациенти чекаат да примаат хемотерапија

by Fokus

Никако да заврши сагата на скопската Клиника за онкологија, хаосот со чекање ред на шалтерите, кај лекарите, како и за примање хемотерапија продолжува. Редици пациенти секојдневно чекаат за да ја примаат терапијата, која на некој начин им помага да се изборат со опаката болест.

„Фокус“ ја посети Клиниката за онкологија, каде нема место игла да се фрли. Најтешко болните пациенти немаат избор, па со часови чекаат кај лекарот за да им посвети неколку минути внимание и да им ја одреди терапијата, која треба да ја примаат. Па после тоа, повторно продолжува сагата додека чекаат за да ја почнат соодветната терапија, дали хемотерапија или зрачење.

За еден пациент, кој е жртва на оваа подмолна болест, доволно е само да ја слушне дијагнозата за да „падне“ психички и тој и целото негово семејство, а тек кога ќе почне да ги преорува онколошките ходници соочен со хемотерапии, зрачења, биолошки терапии… И, што е најжално, повторно не се знае крајниот исход.

Мора да нагласиме дека болните од рак на Клиниката за онкологија завршуваат откако ќе се направат сите потребни испитувања и ќе се потврди страшната дијагноза.

Тогаш, во зависност од тоа за каков вид карцином се работи, се одредува доктор што ја одредува терапијата и го следи понатамошното лекување на пациентите. Тука веќе почнува голготата на болните, како со самата болест, така и со дел од лекарите и медицинскиот персонал.

Од тоа што успеавме да го забележиме на Клиниката за онкологија е дека пациентите кои веќе се хоспитализирани, дел од нив се неспособни сами да се движат, па во инвалидски колички ги носат да ја примат терапијата. Тоа се посебно оние пациенти, кои се во терминална фаза и каде карциномот метастазирал на повеќе делови од телото.

„Мојата мајка има само 53 години. Таа имаше карцином на дојка, но и по неколку операции таман ќе мислевме дошол крајот, страшната болест почна да метастазира. Мојата мајката три години е редовен пациент на Онкологија, а заедно со неа целата голгота ја поминавме и ние. Не можам да ви објаснам колку е трнлив и тежок тој пат.

 

Доволно е самото сознание дека водиш битка со најтешката болест, кога уште си принуден да чекаш ред за лекари, терапии. И што е најжално, се тоа за сите е нормално. Повеќето од лекарите немаат трошка емпатија”, раскажува за  „Фокус“, 22-годишната ќерка на пациентката М.Н.

„Фокус“ пред речиси една година го објави скандалот Онкологија. Откако „пукна“ аферата се појавија лавина реакции во јавноста, а пациентите своите потресни сведоштва редовно ги споделуваат со нашата редакција.

Секој со својата болна приказна, додека, пак, од друга страна, дел од лекарите, одделенските сестри, поранешни директори, фармацевти, чувари, возачи, благајници и секретари со години ја градат криминалната пирамида со скапите биолошки лекови. Тука биле и косовските пациенти, кои преку врски плаќале на приватно, а биле заведени на фиктивни истории на веќе починати пациенти.

Долги години со клиниката раководеше доктор Нино Васев, кој по барање на поранешниот министер за здравство, Беким Сали си поднесе оставка од функцијата. Тогаш, на директорското столче седна доктор Виолета Клисаровска, која со клиниката управуваше десетина месеци.

Сега пак, со доаѓањето на новата власт и со назначувањето на Арбен Таравари за нов министер за здравство, дојде до промена и на раководното место на Онколошката клиника. Вчера од министерството за здравство информираа дека нов директор ќе биде Игор Стојановски.

Пред десетина месеци, по неколку написи во „Фокус“, Обвинителството отвори предистражна постапка, во чии рамки полициски инспектори извршија претрес на Онкологија, како и во домови на вработени. Во еден од серијалот текстови поврзани со злоупотреби на скопската клиника, откриваме дека работите одат дотаму што дел од лекарите тврдат дека на болните им се ставало и минимално количество од лекот, а другото било обичен физиолошки раствор

Притоа, никој не може да контролира што всушност примаат болните, особено откако бил забранет КАТО-системот, преку кој се вршела евиденција за внес на сите терапии. Воедно, откривме со кои лекови се правеле манипулации со цел незаконска заработка на грбот на тешко болните од рак!

Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, двајцата од Одделот за бели дробови, како и Мери Пешевска од Оддел дојка се тројцата лекари, кои се осомничени за делото „Измама“, но за помагање, откако Обвинителство и јавно отвори истрага.

Од таму пред неколку месеци потврдија дека се осомничени петтмина, меѓу кои како првоосминичен е екс директорот на клиниката Нино Васев, како и еконономскиот директор во тоа време Нехат Нухи.

Во прилог архива на дел од текстовите за скандалот „Онкологија“:

(АРХИВА) Онкологија набилда долг од 20 милиони евра, вработени крадат цитостатици од болните од рак!

(АРХИВА) Наместо со биолошка терапија, болни од рак „лечеле“ со физиолошки раствор?!

(АРХИВА) Нови сведоштва и сознанија за Онкологија: Косовски пациенти плаќале на рака и биле лекувани преку фиктивни истории од починати пациенти!

(АРХИВА) Бизнис империја: Над 40 милиони евра за набавка на биолошка терапија во рацете на Пановски!

(АРХИВА) Доктори и сестри крадат лекови за болните од рак, скапата терапија завршува на црниот пазар!

Ирена Мулачка

Поврзани новости