Никаде не може да се најде лекот за покачен пролактин

by Fokus

Веќе неколку месеци во аптеките не може да се најде лекот бромергон за покачен  хормон пролактин, од кои имаат потреба многу жени во државата.

Повеќе од два месеци лекот не може да се најде, а дел од жените го користат и по 30 години. Според нивните реакции, тие тврдат дека нема од каде да го набават, а мора да го пијат. И во случајот не станува збор за мал број на жени.

„Јас го користам речиси 30 години. До пред некој месец немаше никаков проблем, но последните два месеци во ниту една аптека не може да се најде лекот, кој ни е неоппходен на многу жени. Не знаеме што се случува, а ниту во аптеките знаат што се случува.

 

Како да продолжиме да го набавуваме лекот, ако тука го нема. Секоја од нас го пие различно, но на секој ни е потребен“, вели една од пациентките, која сакаше да остане анонимна.

Освен, бромергон, постои уште еден лек и тоа достинекс, која не се наоѓа на позитивна листа, но сепак претходно можел да се најде во аптеките. Тој чини околу 2.000 денари, а дел од пациентките го набавуваат и во Грција.

„Фокус“ се обрати и до Агенцијата за лекови Малмед, кои се задолжени за обезбедување на лековите, но од таму тврдат дека никој од економските оператори не поднеле барање за увоз на лекот бромергон.

„Лекот бромергон, таблети 2,5 милиграми не е регистриран во РСМ, но законските прописи дозволуваат увоз и на нерегистриран лек доколку за истиот има потреба. Во агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) досега ниту еден економски оператор нема поднесено барање за увоз на лекот бромергон.

 

Доколку се поднесе барање за увоз согласно актуелните законски прописи Агенцијата ќе ги разгледа барањето и веднаш соодветно ќе постапи“, се наведува во одговорот од МАЛМЕД.

Ирена Мулачка

 

 

Поврзани новости