Од изборот на актуелниот состав во 2019 година, Државната комисија за спречување на корупција и судир на интереси досега поднела вкупно 25 иницијативи до Јавното обвинителство за кривично гонење на поранешни и сегашни јавни функционери, но ниту една од нив не резултирала со обвинение пред суд, пишува најновиот број на неделникот „Фокус“.
Од податоците што ги обезбедивме согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, голем број од пријавите на Антикорупциска се веќе отфрлени од страна на Обвинителството, додека за дел од нив се водат предистражни постапки, главно во скопското обвинителство и во обвинителството за организиран криминал.
Земено по години, ДКСК поднела 6 иницијативи за кривично гонење во 2019 година, 2 иницијативи во 2020, 7 иницијативи во 2021 и 10 иницијативи во тековната 2022 година. Главно, како што ни посочија од таму, тие содржат сомнежи за злоупотреба на службена положба и овластвување и несовесно работење, но и за други кривични дела.
По овие пријави, најмногу предмети се отворени во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, од каде, според одговорот што ни го доставија, за дел од нив донеле негативна одлука, за дел се уште се постапува, односно се прибираат информации од други институции, додека дел се препратени до месни обвинителства.
Инаку, од таму не доставија податоци за идентитетот на лицата и субјектите, а на сличен начин постапија и од скопското јавно обвинителство, од каде, пак, не информираа дека овој период примиле 16 кривични пријави од страна на ДКСК. Притоа, 6 пријави се отфрлени, за 7 се водат предистражни постапки, додека 2 се префрлени во обвинителството за организиран криминал.
Сепак, од доставените информации може да се заклучи за кои случаи станува збор, особено што дел од нив беа и актуелни во јавноста, како случајот Матка, набавката на лукзусно „ауди“ од Општина Струга, изградба на дивоградба во Гази Баба, донесувањето на ДУП-от за делот спроти „Холидеј Ин“, распределбата на средства од Министерството за култура, како и исплатата на хонорари од повеќе институции.
Исто така, без позитивен епилог остануваат и многу други предмети, како тендерот за печатење на изборен материјал од страна на ДИК, за трошење на средства во рамки на Државниот студентски центар, за злоупотреби направени од вработени во Катастарот на недвижности, за незаконско финансирање на изборна кампања, како и за незаконски постапувања на повеќе градоначалници.
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Влатко СТОЈАНОВСКИ