Ние сме патриоти, сакаат да го омаловажат Даниел – Павле Кајмакоски промовира песна за Александар Македонски и го брани синот

by fokus

Павле Кајмакоски, татко на поп пејачот Даниел Кајмакоски деновиве промовираше две нови песни. Се работи за нумери со патриотска, односно печалбарска тематика, насловени ,,Александар цар Македонски” и ,,Покрај тебе да остариме”. Истите се објавени на музичкиот канал Јутјуб.

-Александар, Александар, светол ангел небески, наша љубов, наша гордост, цар е наш Македонски – се дел од стиховите на песната за Александар Македонски.

Ова не е прв пат Павле да сними патриотски песни. Во минатото тој има настапувано на фестивалот за народни песни Гоце Фест, а познат е и по песните за неговото родно Мислешево, но и по песната која ја посвети на Македонските лавови.

И додека постариот Кајмакоски промовира нови песни, Даниел периодов се најде на мета на медиумите од соседството кои објавија негова фотографија на која со рацете го покажува двоглавиот орел, однсно симболот на Голема Албанија, за време на снимање на музичко шоу во Белград. Набргу по објавата тој ги демантираше медиумите, појаснувајќи дека ги покажувал своите лакирани нокти, за потребите на снимањето на емисијата. За австралиската ИН ТВ, Павле за време на промоцијата на новите песни ја искористи приликата да го одбрани својот син.

-Даниел потекнува од едно големо патриотско семејство. Од прадедо е тоа семејство патриотски настроено, не само јас и татко ми или Даниел. Значи, да повторам, од пра пра дедо сме биле патриоти и верувам дека ова е една голема новинарска игра да биде срушено достоинството на Даниел или да се намали неговата репутација баш на шоуто ,,Твоето лице звучи познато” – порача Павле.

Тој апелираше медиумите да не пласираат невистини за неговиот син, со цел да им се зголеми читаноста, и да престанат да го омаловажуваат. На Даниел, кој стекна голема популарност во регионот и победи на музичкото шоу ,,Икс Фактор Адриа’’ пред пет години, му се прогнозираше блескава музичка кариера. Пејачот, роден во Мислешево, Струга, кој долги години живееше во Виена, Австрија, по победата во шоуто се врати во земјава и започна да живее во Скопје. Сними неколку синглови, беше наш Евровизиски претставник во 2015 година, се ожени, доби син, па се разведе.

Периодов престојува во Србија. Најави за нови песни и враќање на сцената, конкретно се уште нема. Во меѓувреме, неговата поранешна сопруга, моделот Кристина Димитриевска заполови во музичките води, и сними дуетска песна со Андреј Миске.

Вики Клинчарова

Поврзани новости