Апелираме до надлежните институции да поднесат кривична пријава против Државната изборна комисија за злоупотреба на службената положба и овластување согласно член 353 од Кривичниот законик и член 159 став 2 од Кривичниот законик за повреда на гласачкото право, побара денеска Маја Величкова од невладината „Ние одлучуваме“.
-Административците од Државната изборна комисија не си ја работат работата за која се платени. За ДИК не се важни низата поплаки кои ние им ги пријавивме, а станува збор за проверени информации од граѓаните кои или откриле дека ги нема во Избирачкиот список, или пак, откриле дека имаат постанар или станар во својот дом кој фактички и физички не постои, велат од „Ние одлучуваме“.
Тие алармираат дека и по затварањето на списокот, граѓани повторно се јавуваат дека фантомските гласачи кои ги пријавиле се уште фигурираат на нивната адреса.
-Мнозинство од пријавите се однесуваат на пријави од граѓаните за постоење фантомски гласачи во Избирачкиот список, односно непостоечки лица запишани во Избирачкиот список. По укажаната правна помош на граѓаните од наша страна, забележавме неспремност на надлежните институции за брзо евидентирање и отстранување на овие фантомски гласачи, рече Величковска.
Од „Ние одлучуваме“ истакнаа дека СОС линијата, односно телефонскиот број 0800 88 888 ќе биде отворена и на денот на изборите од 7 часот наутро до 20 часот вечерта, со цел да се пријавуваат изборни неправилности и додадоа дека за сите граѓани кои ќе се јават на СОС линијата ќе обезбедат правна помош.