Ние чувствуваме љубов кон другите зошто ги разбираме нив, а ги разбираме нив зошто се разбираме себеси.

by lali

Живееме во време каде ретко кој е задоволен од тоа што го имаме и од тоа што сме го постигнале и наместо напорот за промени да расте, кај нас расте завидливоста и уште потрагично е што никој не превзема ништо во врска со тоа, освен хранејќи ја желбата за работите и луѓето да почнат да се менуваат во наша полза. Тоа е малку себично а себичноста не е добра особина, иако за жал и таа станува се почеста.

Не можеме да направиме радикални промени во моделот на својот живот додека не почнеме да се гледаме точно кои и какви сме сега во моментот. Веднаш штом ќе го направиме и сфатиме тоа, промените ќе почнат да течат по природен пат. Ако целиот тој напор од емоции и чувства за желба на туѓа промена го вложиме во менување на себе си и ги прифатиме самоволните промени, тогаш прилагодувањето кон себе и околината ќе дојде по автоматизам.

Но притоа за тоа нормално да тече мора да се погледнеме себеси, не кои сакаме да бидеме и се замислуваме дека сме, туку кои навистина сме, без илузија и пристрасност. Во самопроценката треба да се земе предвид нашето место во општеството и нашата функција како социјално суштество. Треба да се увидат нашите должности и обврски кон нашите пријатели, колеги, останати човечки битија и над сè нашата одговорност како поединец што живее со други лица и остварува меѓусебен однос. Тоа е добар почеток за самопромена.

Зашто штом почнеме повеќе да ги разбираме останатите, толку пофлексибилни и потолерантни ќе стануваме и тогаш ќе бидеме спремни да простиме, заборавиме и почнеме да се менуваме. Ние чувствуваме љубов кон другите зошто ги разбираме нив, а ги разбираме нив зошто се разбираме себеси.