Текстот е објавен во 903. број на неделникот „Фокус“ на 19-ти октомври 2012-та година
Пенал, гол, Македонија ја победува Србија. За пеналот е заслужен Албанец, голот го дава Албанец, а со третиот Албанец се веројатно најдобри во тимот. И одеднаш се раѓа надеж, дека тоа ќе го залепи она што го кршат политичарите. За жал, не е така. Спортските успеси го јакнат духот, но не ја одржуваат нацијата. Најчесто, токму на стадионите се навестува распадот на државите. Сетете се, впрочем, на СФРЈ. И светски шампиони создаде, а заврши така како што заврши!
На времето, Франција стана светски шампион во фудбал. Пред 14 години, феноменалните ,галски петли, го освоија првиот и до сега единствен златен трофеј во најважната споредна работа на планетава. Намерно не ставам наводници, оти на шампионатите седат врвните државни главешини. Во главната ложа, тие го гледаат мечот, си честитаат на головите, потоа пишуваат честитки за фудбалерите, па им организираат приеми, знаат да им доделат некоја награда… Како што, впрочем, направи и Жак Ширак, тогашниот шеф на Франција. Очекувано, и тој долго се радуваше на освоената титула. Сѐ беше вообичаено, додека не престана со ракоплескањето. Откако отвори уста, ја оплеска. Супер е победава, ама ќе беше уште поубаво, доколку во екипата имаше повеќе бели. Или помалку црни играчи, сеедно, тресна надмениот ,петел, без око да му трепне. И, што се случи?
Разумниот дел од Франција и светот воопшто, беше шокиран. Зар е можно, такво нешто да излезе од устата на европеец од таков ранг? Каде оди Европа, штом една од двете клучни европски држави има таков водач? Дел од ,недоволно, белите Французи се побунија и на улиците, но, сепак, тоа беше брзо заборавено. Големата победа го засени претседателскиот ,гаф,. Но, денес, Жак Ширак се помни и како претседател во чие време се случиле првите масовни расни протести. Да, без оглед на сите други спортски достигнувања на Франција, вклучително оние што ги постигнале оние што немале исклучиво француско потекло. Фала на прашање, расните немири експлодираа во времето после Ширак, кога само неинформираните се чудеа, од каде толку гнев кај тие луѓе што спасот од бедата во родната земја го нашле токму во Франција!
Помладите треба да се потсетат и на СФРЈ. Едно чудо титули освоија нејзините репрезентации. Кошарка, ракомет, ватерполо… Голови и кошови даваа сите, на нив сите се радуваа, без оглед на националноста. Не беа покусо медалите и во индивидуалните спортови, вклучително оние што ги освојуваа нашите спортисти. Но, сепак, државата заврши како што заврши, во крв до колена со стотици илјади мртви и раселени. Едноставно, спортот не може да го залепи она што политичарите решиле да го скршат. Напротив, распадот на државите знае најчесто да се навести на спортските терени. Особено на недемократските држави, каде спортските натпревари се вентил за ,слободно изразување на народното мислење,. Нетрпеливоста, пцостите, тепачките на национална основа… Сето тоа кулминираше на мечот меѓу српската Црвена ѕвезда и хрватскиот Динамо, но, почетоците беа години наназад, веднаш после смртта на Јосип Броз!
Се разбира, немам намера да кобам, туку само да потсетам на тежината на товарот што денес им се става на фудбалерите, на пример, после триумфот над Србија. Колку да не испадне дека некој нивен утрешен пораз ќе биде виновен за не дај Боже крупна меѓуетничка расправија. Да, моментот е одличен за градење меѓуетнички мостови. Добро е што во екипата не е Албанец само Артим Шаќири.
Уште поубаво е што еден од нив е заслужен за досудениот пенал, вториот затоа што сигурно гаѓаше во целта, а, заедно со третиот Албанец, можеби беа најдобрите играчи во тимот. Тоа е и друг вид на пенал. Овојпат – политички. Нормално, за оние што заговараат македонска нација, без оглед на етнос, вера и партија. Камо среќа, во овој случај да имаше ,злоупотреба, на спортски успех во политички цели. За сега, барем, остануваат неми политичарите од етнички македонскиот блок. Нема честитка барем до селекторот, кој го прекрши политичкото правило со ставањето на повеќе етнички Албанци од рамковно утврдените. Или, кој знае, можеби дојде време, кога треба да сме среќни што барем никој не тргна по стапките на Ширак?!
Затоа со резерва гледам на надежта во меѓуетничкиот потенцијал на фудбалскава победа со заслуга на етничките Албанци во македонски дресови. И јас, бездруго, посакувам спортските успеси да влијаат на македонско-албанските односи во целина, но, немам впечаток дека нашата политичка класа работи на такво нешто. Напротив, се чини дека тие не ја забележаа ни можноста што ја понуди фудбалскава победа.
Најголемиот дел од нив бездруго е среќен поради тоа што после натпреварот имало инцидент меѓу навивачите, кој сепак не завршил со ептен многу расцепени глави. Уште посреќни ќе бидат, ако навивачите Албанци не удриле толку по Македонци, ами по Срби или Црногорци сеедно. Скраја да е, некој да се запраша, зошто навивачите од Србија праќаа заканувачки пораки до овдешните Албанци пред натпреварот? Веројатно затоа што знаеја дека нема да има одлучен одговор од македонска страна. Кој тоа ќе се чаламеше, ако знаеше дека ќе наиде на цврст отпор од сите на стадионот, без разлика на етничката боја!
За жал, нашите политичари повторно се во етничките ровови. Десет дена не делат од продолжението на божем патриотската битка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ на темата од 2001-та. Малку беше молчењето на Талат Џафери. Сега ќе се носи закон за бранители по скратена постапка, за никој да не може предолго да молчи. Арно ама, сега ќе се случи обратното. Допрва ќе пекаме по затворената уста на Талат. Откако ќе загуслаат во недоглед по илјадниците најавени амандмани, мнозина ќе зажалат по неговата љубов кон литературата.
Арно ама, тоа е всушност и целта на проширената и надградена грижа за бранителите. Не мнозина, туку максимално можен број Македонци да престане да мисли било што арно за Албанците, па макар тие дале уште сто гола за нови сто победи на било која македонска репрезентација. И обратно, се разбира. Груевски е убедливо најнепопуларниот премиер кај Албанците, но, каде би бил крајот, ако таквото нивно чувство се пренесе на исто толку Македонци?!
Горе-долу, тоа е смислата на драмолетката што претстои. Премиерот одамна не смее да се кара со Грците, веќе не смее многу да се сили ни на Бугарите, покажувањето мускули кон Белград не му носи рејтинг, за Скопје 2014 има се помалку поддржувачи, економијата е се помалку за фалење… Во таква ситуација, ќе се игра на меѓуетничката тензија. Конечно, и ДУИ нема некој поголем избор. Само во етнички зовриена атмосфера може да се спечали поен плус за предвремените парламентарни избори. И пред март, ако така кажат анкетите. Независно што Ахмети не размислувал за нив. И тој предоцна ќе му ја мисли, ако Груевски стигне сам до парламентарното мнозинство. Сосе целата опозиција, разбира се!