Претседателот Стево Пендаровски рече дека изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон за реформирањето и проширувањето на ЕУ не е ништо ново, и дека тој тоа го кажал уште пред пет години.
-Нешто подолго ги следиме процесите за евроинтеграциите и знаеме дека тоа не е ништо ново. Макрон на почетокот на својот говор специфично во тој дел за внатрешно преуредување на ЕУ вели дека тоа што ви го кажувам сега ви го кажав и пред пет години. Тоа е неговата стара идеја за продлабочување пред проширување, или продлабочување заедно со проширување и тоа од пред пет години, изјави денес Пендаровски од Охрид. .
Според претседателот, во меѓувреме нема ниту една изјава на Макрон дека Западниот Балкан, во која вели дека додека ако го направиме ова продлабочувањето не треба да влезе.
-Нема таква изјава од Макрон. Франција беше спонзор на преговарачката рамка, која ја усвоивме лани, а дека е тоа така потврдуваат и зборовите на госпоѓата Бун која е министер за Европа во администрацијата на Макрон. Таа сигурно знае што нејзиниот шеф мисли. За тоа се потврда и зборовите на Шарл Мишел претседател на Европскиот совет кој е најблизок политички пријател на Макрон. Секоја голема идеја во Европа која Макрон ја промовира Шарл Мишел истиот момент ја прифаќа, изјави Пендаровски.
На новинарско прашање дали очекува опозицијата да ги промени своите ставови околу уставните измени и колку ваквите изјави од европските официјални лица влијаат, Пендаровски рече:
-Ако барате изговор поради домашни политички причини зошто не гласате за продолжување на патот на Македонија кон ЕУ и велите ние сме спремни да гласаме за ЕУ само Макрон не не сака тоа е друго. Да бидеме прецизни, да бидеме реални, да бидеме фер кон нашите евроспки пријатели.
Според претседателот без внатрешни опструкции Македонија може да стане членка на ЕУ и пред рокот од 2030 година и дека потврда за тоа се зборовите на француската министерка Бун.
-Јасно е или си за Европа или си против Европа. Имаме седум народи и делови од народи во Уставот, проблем ли е да се стават уште шест!? Како тоа ќе ја загрози Македонија?. Ако имаше политички причини чекајќи ги следните избори да дојдеш на власт па после да мислиш на Европа и двотретинско мнозинство тоа не е стратешко размислување, тоа е партиско размислување и е против интересите на Македонија, изјави Пендаровски.