Од коалициониот партнер ДУИ денеска ги демантираа гласините дека партијата планира до петок да излезе од Владата, со што би се предизвикале предвремени парламентарни избори без да се постигне согласност за договорот од Пржино. Според министерот за економија и шеф на изборниот штаб на ДУИ, Беким Незири веќе имало позитивни сигнали дека ќе се постигне договор.
– ДУИ за да излезе од Влада треба да се поминат сите филтри во партијата, да се помине во Централното претседателство и да се направат дополнителни анализи. Во овој момент мислам дека Македонија е на добар пат да се постигне договор и земјава да излезе од политичката криза – изјави Незири, одговорајќи на новинарско прашање по обраќањето 6. Партнерски состанок на Црвениот крст на Република Македонија.