Независниот синдикат за образование и наука повика да се спроведат колективните договори во основното и средното образование, а не само да се зголемат платите за 10 отсто, како што вчера се договорија синдикатите и Владата.
Според постигнатиот договор, платите во јавниот сектор од 1 септември ќе бидат зголемени за 10 отсто, а вработените ќе добијат регрес од 10 илјади денари, којшто од 2024 година ќе изнесува 30 проценти од просечната нето плата од претходната година.
Како Независен синдикат за образование и наука со внимание ги проследивме најавите за зголемување на платите во јавниот сектор од септември 2023 година. За дел од вработените во јавниот сектор ова е второ зголемување покрај растот во март 2023 год. Во секторот образование, односно за вработените во секторот образование, единствено задоволувачко решение е целосно спроведување и имплементирање на моменталните колективни договори во основното и средното образование, вели претседателот на Независниот синдикат за образование и наука, Томислав Гиевски за „Фокус“.
Коефициентот на сложеност на наставниците и стручните соработници согласно колективните договори изнесува 2,5 и истиот е предвидено да се помножи со најниската плата на државно ниво. Од Независниот синдикат сметаат дека целосното спроведување на оваа методологија е единственото решение за ниските и потпросечни плати во секторот образование.
Најавуваат дека ќе продолжат со синдикални активности и организирање на просветните работници со цел да постигнат, како што велат, достоинствено вреднување на трудот на нивната професија.
К.С.Б.