Државниот завод за ревизија (ДЗР) е една од институциите, заедно со Државната комисија за спречување на корупција, која е надлежна за контролирање на извештаите за донации на политичките партии. Во однос на донацијата на ДУИ која е над дозволениот законски лимит, а за која „Фокус“ пишуваше, таа не стигнала на дневен ред на ревизорите.
Како што објаснуваат од ДЗР, нивна законска обврска е при приемот на извештаите за донации на партиите, истите да ги објават на нивниот сајт. При приемот, Заводот треба да провери две работи: дали извештаите се доставени во законскиот рок и дали е испочитувана формата.
Ова значи дека при приемот, ДЗР не врши проверка на податоците во извештаите, односно дали донациите се во согласност со Законот за финансирање на политичките партии.
Поради тоа, Заводот се уште ја нема проверено донацијата на ДУИ од лицето Ељмедин Адеми која за речиси три пати го надминува дозволениот законски лимит за донации од физички лица. Оваа донација на дневен ред на ревизорите ќе дојде кога ќе прават ревизија на извештаите за 2022 година, а според методологијата, тоа треба да се случи во текот на оваа година.
Според Законот за финансирање на партиите, доколку некоја партија прими донација која го надминува лимитот, тогаш истата треба да ја врати на донаторот во рок од 30 дена. Доколку тоа не го направи, ДЗР тоа го констатира во ревизорскиот извештај и потоа може да го информира Обвинителството за утвредена неправилност.
„Фокус“ до сознанието за незаконската донација дојде кога почна да го истражува тендерот за изградба на полициска станица во Аеродром вреден околу два милиони евра, кој го доби фирмата за градежништво „Еуровиа ДООЕЛ“ на Ељмедин Адеми, внук на поранешниот министер Абдулаќим Адеми.
Истражувањето на овој тендер објавено во неделникот „Фокус“ не само што не доведе до најголемиот донатор на ДУИ за 2022 година, туку откри уште еден скандал.
Имено, фирмата „Еуровиа“ која ќе ја гради полициската станица во Аеродром, чија изградба треба да стартува оваа година, и нејзиниот сопственик Ељмедин Адеми се најголеми донатори на ДУИ за 2022 година.
Сопственикот Ељмедин лани на ДУИ како физичко лице и донирал 2.509.200 денари, додека правното лице „Еуровиа“ донирало 1.845.000 денари.
Според последните измени на Законот за финансирање партии, физичко лице на партија смее да донира износ не повисок од 30 просечни плати. Просечната плата во ноември 2022 година, последен месец за кој имало податоци во текот на 2022 година, а воедно и месец со највисока просечна плата во 2022 (без декември) изнесувала 33.011 денари.
Ова значи дека највисокиот износ кој физичко лице смеело да го донира во текот на 2022 година бил 990.330 денари. Сопственикот на „Еуровиа“ со донацијата од 2.509.200 е речиси три пати над законскиот износ.
Катерина Смилева Божиновска