Невреме во Сиднеј – четири лица ги погодил гром, биле засолнети под дрво

by Fokus

Четири лица во Австралија се пренесени вчера во болница откако гром ги удрил во близина на операта во Сиднеј, соопштија локалните власти.

За време на силна бура, четири лица се засолниле под дрво во близина на позната знаменитост и притоа биле погодени од гром.

Доминик Вонг од Службата за брза помош во Нов Јужен Велс изјави за новинарите дека жртвите претрпеле изгореници и проблеми со срцето по инцидентот во ботаничката градина во Сиднеј.

„Сите накратко изгубија свест. Во случај на невреме со грмотевици, не е добро да се бара засолниште под дрво“, рекол Вонг, а пренесува Ал Џезеира.

Двајца мажи и две жени по ударот на гром биле пренесени во болница каде им била укажана прва помош. Властите велат дека тие се здобиле со сериозни повреди, но се во стабилна состојба.

Сиднеј вчера го зафати силно невреме со грмотевици, оставајќи без струја повеќе од 10.000 домаќинства и бизниси.

Претходно денеска, властите ја затворија главната писта на аеродромот во Сиднеј на околу 20 минути, откако гром удри во асфалтот и создаде дупка.

Поврзани новости