Невреме во Москва урна дел од ѕидот на Кремљ

by fokus

Во силно невреме што денеска ја зафати Москва, пропратено со дожд и град, се урна дел од ѕидот на Кремљ. Како што пренесуваат локалните медиуми, силниот ветер уриваше дрвја, расфрлаше канти за ѓубре по улиците и предизвика хаос во градот.

Градските власти ги предупредија жителите да останат во затворени простории, доколку е можно, да бидат многу внимателни на улица и да не паркираат автомобили под дрвја.

Од ураганскиот налет не издржаа ниту скелињата поставени на ѕидовите на Кремљ. Ветрот ги урна скелињата на Црвениот плоштад, при што се оштетени дел од ѕидовите.

– Во тек се работите на реставрација на делот од ѕидот од кулата Спаска, кои беа прекинати поради силниот ветер, изјави началникот на секторот на Федералната служба за безбедност, Денис Симонов, истакнувајќи дека притоа никој не е повреден.

Приодите кон Црвениот плоштад сега се затворени од сите соседни улици, пренесува ТАСС. Властите соопштија дека плоштадот беше затворен поради уривањето.

Поврзани новости