Невладините ја губат битката за хотелот на Мијалкови: Што одлучиле надлежните по пријавите за беззаконие и корупција?

„Фокус“, неколкупати досега ја обработуваше темата за изградба на хотел во Охрид од страна „Дивелоп груп“, каде што содружник е семејна фирма на Сашо Мијалков. Во меѓувреме, обезбедивме дополнителна документација, која покажува дека граѓанскиот сектор полека, но сигурно ја губи правната битка за поништување на проектот. Имено, ДКСК одбива да постапува со образложение дека ЈО веќе оценило дека во случајов „нема место за јавно-обвинителска интервенција“, додека Управниот суд воопшто не ги разгледува наводите за беззаконие и корупција, со образложение дека тужителот немал „непосреден личен интерес“.

by vlatko 19:43
19:43

Текстот е објавен на 31 декември 2025 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.578-1579.

„Фокус“, неколкупати досега ја обработуваше темата за изградба на хотел во Охрид од страна „Дивелоп груп“, каде што содружник е семејна фирма на Сашо Мијалков. Прво пишувавме како се спасувал овој објект, така што обелоденивме дека Општина Охрид и инвеститорот потпишале 2 анекс-договори, со кои фирмата платила казни и камати од половина милион евра, но добила продолжен рок за изградба на хотелот. Воедно, пишувавме и за позицијата на локалната самоуправа дека со законски измени се избегнала обврската за студија/елаборат за животна средина. Потоа, ставивме акцент на наводите на невладината „Фронт 21-42“, според кои градежната дозвола е ништовна, бидејќи е издадена без претходно спроведена оцена на влијанието врз животната средина. Понатаму, детално ја обработивме пријавата до повеќе државни органи, каде што се оспорува и урбанистичкиот план, со тврдење дека тој не е во согласност со Планот и со Законот за управување со светското наследство во охридскиот регион. Во меѓувреме, обезбедивме дополнителна документација, која покажува дека граѓанскиот сектор полека, но сигурно ја губи правната битка за поништување на проектот. Имено, ДКСК одбива да постапува со образложение дека ЈО веќе оценило дека во случајов „нема место за јавно-обвинителска интервенција“, додека Управниот суд воопшто не ги разгледува наводите за беззаконие и корупција, со образложение дека тужителот немал „непосреден личен интерес“.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во неколку наврати досега, „Фокус“ ја обработуваше темата за изградба на хотел покрај Охридско Езеро од страна на компанија поврзана со поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, кој е прв братучед на експремиерот Никола Груевски.

Станува збор за локација во парк-шумата „Горица 3“, каде што на парцела со површина од 15.878 квадратни метри се гради хотелски комплекс од страна на „Дивелоп груп“, каде што доминантен сопственик е бизнисменот Александар Ивановски, познат како Алек Теранова.

Но, како малцински содружник во оваа компанија се јавува друштвото „Бест Веј Инвестмент“ на Јордан Мијалков, син на поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков, осуден во предметот „Империја“ и дел од „црна листа“ на САД.

Досега, објавивме неколку стории во кои обработивме разни аспекти и изнесовме низа аргументи околу цел процес за реализација на овој контроверзен проект во непосредна близина на Охридско Езеро.

Прво, пишувавме на кој начин се спасувал овој објект, кој првично требаше да биде завршен до 2018 година, но почна да се гради дури во 2024 година.

Па, обелоденивме дека Општина Охрид и инвеститорот „Дивелоп Груп“ потпишале 2 анекс-договори во 2013 и во 2020 година врз основа на измени на Законот за градежно земјиште, со кои фирмата платила казни и камати од половина милион евра, но добила продолжен рок за изградба на хотелот.

Воедно, пишувавме и за позицијата на локалната самоуправа дека со законски измени (Закон за градење и Уредба) се избегнала обврската за студија/елаборат за животна средина.

Потоа, во вториот дел од приказната ставивме акцент на наводите на невладините организации предводени од „Фронт 21-42“, според кои градежната дозвола за хотелот е ништовна, бидејќи е издадена без Решение за согласност за спроведување на проектот што Министерството за екологија го дава по спроведена постапка за Оцена на влијанието врз животната средина.

Притоа, нотиравме дека се наведува локацијата на проектот како критериум, при што особено се истакнуваат објектите во близина на водни живеалишта, крајбрежни зони и подрачја под посебна заштита, а токму во такво подрачје е спорниот објект.

Во третиот дел од серијалот, пак, детално ја обработивме пријавата на невладините до Антикорупциската комисија, претставката до Владата и тужбата до Управниот суд, каде што дури се испорачуваат и обвинувања за корупција.

Покрај другото, во овие документи се оспорува и урбанистичкиот план, со тврдење дека не е во согласност со Планот и со Законот за управување со светското наследство во охридскиот регион, кои налагаат дека планот донесен во 2007 година морало да биде изменет до крајот на 2020 година, што, сепак, не се случило.

Паралелно со тоа баравме одговори од институциите во врска со пријавите со обвинувања за незаконитости и корупција околу хотелот поврзан со Мијалкови и патем обезбедивме дополнителна документација, која покажува дека невладините полека, но сигурно ја губат правната битка за поништување на проектот и за враќање на простотор во првобитна состојба. Зошто?

НЕМА ЕЛЕМЕНТИ ЗА ПОСТАПУВАЊЕ

Еден од државните органи каде што се обратиле невладините организации е Државната комисија за спречување на корупција, каде што „Фронт 21/42“ адресирал пријава поради „сомнеж за корупција во врска со изградба на хотелски комплекс во областа Горица од Дивелоп Груп“.

Меѓу другото, невладините тврдат дека незаконски се и одобрението за градење (не е спроведена оцена за влијание врз животната средина, ниту е изработен елаборат) и урбанистичкиот план врз основа на кој е издадено одобрението, додека истовремено испорачуваат обвинувања и за незаконско постапување и корупција на Државниот инспекторат за животна средина, при што дури и конкретно го посочуваат инспекторот Игор Трајкоски.

Во нивната пријава се наведува дека при вонредниот инспекциски надзор Трајкоски не увидел дека „Дивелоп Груп“ поднел барање за согласност за елаборат за животна средина на ист ден кога му е издадено одобрението, што значи дека одобрението го добил без елаборат.

Патем, подносителот го обвинува инспекторот дека му овозможил на инвеститорот да изработи фалсификуван документ наместо да ја забрани реализацијата на проектот и да изрече глоба согласно Законот за животна средина.

Освен тоа, наведува дека и урбанистичкиот план врз основа на кој се гради објектот е незаконски, бидејќи е донесен без спроведена стратегиска оцена за влијание врз животната средина, а Општина Охрид, согласно Законот за управување со светското природно и културно наследство, имал обврска до 2020 година да го поништи планот и да донесе нов согласно Планот за управување, што не се случило.

Оттука, уште пред извесено време побаравме одговор дали антикорупционерите ја разгледале оваа пријава од „Фронт 21-42“ и дали донеле одлука? Своевремено, од таму не известија дека постапката по предметот е во тек, односно, како што велат, се прибирале податоци и информации во насока на „утврдување на фактичката состојба за предметниот случај“.

Арно ама, антикорупционерите во меѓувреме донеле одлука за овој случај. Така, Комисијата оценила дека нема елементи за понатамошно постапување, од причина што веќе постапиле други надлежни органи, односно Јавното обвинителство-Охрид и Обвинителството за организиран криминал и корупција.

Во одлуката на ДКСК со која располагаме се наведува дека првично во Основното јавно обвинителство-Охрид бил оформен предмет под број РО.бр.774/2017 по анонимна пријава, која се однесувала за начинот на оттуѓување на спорното земјиште во месноста Горица по што се испитувала вклученоста на Општина Охрид, Државен правобранител за подрачје Охрид и правното лице.

Меѓутоа, се додава во одлуката, било оценето дека постојат дејствија за кои надлежно било Основното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по што на 30.9.2018 година предметот и списите биле отстапени на ова обвинителство, кое на крај оценило дека нема место за понататмошно постапување.

„ОЈО ГОКК на 09.10.2024 година оформил предмет под број РО бр.221/18 во однос на поднесената анонимна пријава од група граѓани со наводи за сомневања за можна корупција во врска со изградбата на хотелскиот комплекс во областа Горица-Охрид од страна на инвеститорот „Дивелоп Груп“, по што е донесена резолуција со која е утврдено дека нема место за јавно-обвинителска интервенција“, стои во одлуката на антикорупционерите.

Со оглед дека Антикорупциска одлучила да не ги разгледува наводите на невладиниот сектор за хотелот во Охрид, повикувајќи се на оценката на Обвинителството дека „нема место за јавно-обвинителска интервенција“, се обративме и до ЈО. Но, до затворањето на овој број на весникот, не добивме одговори.

Кога пред извесен период се обративме до ЈО дали, по поднесена пријава или по допрен глас, отвориле постапка за овој случај, од таму нè упатија на пријавата до ДКСК, нагласувајќи дека ако тие утврдат основ за кривична одговорност вообичаено доставуваат до Обвинителството. Меѓутоа, во меѓувреме ДКСК одлучила да не постапува, повикувајќи се на одлука на Обвинителството?!

ПОСТАПКАТА Е „ОЧИГЛЕДНА ФАРСА“

Во врска со ваквиот развој на настаните и овој епилог, од „Фронт 21/42“ посочуваат дека во решението на ДКСК се наведува дека „од јавно достапни информации утврдено е дека пријавата е доставена и до Основно јавно обвинителство Охрид“, иако, како што истакнуваат, тие немаат доставено пријава за оваа градба.

Покрај тоа, невладината организација вели дека ДКСК воопшто не се занимава со нивните наводи и докази за можна корупција на инспекторот од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).

„Еден од проблемите е тоа што во дописот што го добивме од ДИЖС по спроведениот надзор се наведува дека инспекторот при (вториот) надзор добил од Дивелоп Груп „Барање за препис на Решението за одобрување на елаборатот“, кое наводно го испратиле до МЖСПП и Елаборат за животна средина (кој инспекторот Трајкоски го добил и во еден од дописите ни раскажува дел од неговата содржина).

Ние извршивме увид во архивските книги на МЖСПП од 2012 и откривме дека „Решение за одобрување на елаборат“ не постои, како што многу веројатно не постои ниту никаков елаборат.

Откривме дека Дивелоп Груп поднел навистина поднеле до МЖСПП „Барање за препис на Решението за одобрување на елаборатот“, но неколку дена подоцна поднеле нов допис во кој наведуваат дека го стопираат барањето и МЖСПП не треба да им испрати никаков документ. Со други зборови, целата постапка е очигледна фарса за да постои некаков документ за инспекцијата “, ни одговорија од „Фронт 21/42“.

Имајќи предвид дека граѓанскиот сектор испорачува сериозни обвинувања за незаконско постапување и за корупција од страна на повеќе инстанци, вклучително и од Инспекторатот за животна средина и инспекторот Игор Трајковски, од причина што, според нив, Трајкоски му овозможил на инвеститорот да изработи фалсификуван документ наместо да ја забрани реализацијата на проектот, побаравме став и од Инспекторатот.

Конкретно, прашавме како ги коментираат тврдењата дека постапиле несоодветно и непрофесионално и како го коментираат обвинувањето дека инспекторот Трајкоски му прогледал низ прсти на „Дивелоп Груп“, со тоа што не преземал мерки за запирање на градбата, иако утврдил дека одобрението за градење е издадено без елаборат за животна средина?

„Во член 198 од Законот за животната средина, опишан е делокруг на надзор на државниот инспектор, каде што во став 1 стои дека државниот инспектор има право (точка 7) да утврди дали е изработен елаборат за заштита на животната средина, утврден со Прописот од членот 24 ставови (4) и (6) на овој закон, како и дали истиот е доставен на одобрување до надлежниот орган, и да изврши увид дали се исполнуваат условите пропишани во елаборатот (член 24).

Во Уредбата за изменување на Уредбата за дејностите и активностите за кои задолжително се изработува елаборат, а за чие одобрување е надлежен органот за вршење на стручни работи од областа на животната средина, опишани се дејностите за кои се изработува Елаборат за заштита на животната средина.

Во Глава XIII се објекти за сместување и сервисни дејности со храна, хотели и слични објекти за сместување (хотелски населби, апартмански хотели и мотели) со предвидени повеќе од 100 легла, надвор од урбанизирани подрачја и сите оние кои се лоцирани во заштитени подрачја на природата. Според тоа, хотелот е во фаза на градба и се уште нема започнато да ја обавува дејноста.

Во инспекциската постапка, субјектот на надзор достави Барање за согласност за елаборат за заштита на животната средина за изградба на хотелски комплекс за дел од туристичката локација Горица КО Охрид 4 за градење и парцела бр. КП 1. Од 06.04.2012 со УП 11-3686/1 и елаборат за заштита на животната средина.

Според овластувањата, државниот инспектор утврдил дали субјектот има елаборат за заштита на животната средина и дали го има доставено до надлежен орган на одобрување. Во однос на одобрението за градење, ДИЖС нема надлежност“, гласи одговорот од Инспекторатот.

ОТФРЛЕНА ТУЖБА, ПА ЖАЛБА

Инаку, во пакет со пријавата до Антикорупциската комисија, „Фронт 21/42“, во име на над 20 невладини организации, поднесе и претставка до Владата, премиерот Христијан Мицкоски и други функционери, со барање за „итно спроведување на Уставот, законите и меѓународното право во врска со хотелскиот комплекс на Дивелоп Груп во Горица 3 и УПВНМ за дел од хотелскиот комплекс“.

Во претставката, подносителот наведува дека таа се однесува на „уништувањето на светското наследство со противзаконското градење на хотелскиот комплекс на „Дивелоп Груп“ во Горица, кое се базира на противзаконски урбанистички план за областа, сето тоа дозволено и овозможено со флагрантно кршење на Уставот, законите и меѓународното право, токму од страна на одговорните институции“.

Во таа смисла, подносителот споменува 3 институции: Општина Охрид, Државниот инспекторат за животна средина и Управата за заштита на животна средина при Министерството за животна средина.

Во одговор на нашето прашање дали е разгледана оваа претставка, и ако е така – каков е одговорот кон подносителот, од Владата ни го доставија следново известување:

„Во рамки на владата е пристигната претставка која е распределена на понатамошно разгледување и согласно законски предвидениот рок за одговор на претставки, владата ќе постапи и ќе го испрати одговорот до подносителот на Барањето. Дополнително, Барањето е испратено до повеќе институции во чија надлежност се овие прашања“.

Исто така, вреди да се потенцира дека невладините поднесоа и тужба до Управниот суд против Општина Охрид, со која бараат поништување на Одобрението за градење што општината го издала на „Дивелоп Груп“, бидејќи било издадено врз основа на проект за кој не е спроведена Оценка на влијанието врз животната средина и за кој не постои Решение за согласност за спроведување на проектот од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Во однос на тоа, дознавме дека веќе се произнел Судот со решение за отфрлање на тужбата. Според пресудата што ја обезбедивме, образложението на Судот гласи дека од Законот за управни спорови и други закони произлегува дека „управниот акт со кој се оспорува тужбата не засега во правото на тужителот и на неговиот непосреден личен интерес“.

„Според Законот за градење, надлежниот орган што го донел Одобрението за градење беше должен да ги извести непосредните соседи за донесување на Одобрението, по што истите имаат законско право да извршат увид и да поднесат жалба против одобрението, давајќи им својство на заинтересирани лица во постапката “, наведува Судот, додавајќи дека во меѓувреме се донеле законски измени со кои оваа одредба се избришала.

Според подносителот на тужбата. т.е. „Фронт 21/42“, основното законско прекршување е во тоа што „Дивелоп Груп“ никогаш не поднеле Известување за намера и со тоа е спречена и оневозможена целата процедура за ОВЖС, што на јавноста и ги одзема сите законски гарантирани права за учество во донесувањето на сите одлуки поврзани со изгрдбата на хотелот.

„Општина Охрид имала законска обврска да го извести МЖСПП за отсуството на целата процедура, а наместо тоа тие издале одобрение за градба. Управен суд целосно ги игнорира сите законски прекршувања на кои посочуваме во тужбата и спротивно на Уставот (Архуска конвенција) и Законот за животна средина носи пресуда дека ние не сме заинтересирана страна и немаме право да поднесеме тужба“, велат од невладината за „Фокус“.

Затоа, тие поднеле жалба до Вишиот управен суд поради, како што наведуваат, суштествена повреда на одредбите на постапката, погрешно и нецелосно утврдена фактичка состојба и погрешно применето материјално право.

„Управниот суд при впуштање во решавање на управната работа, целосно ги игнорирал сите посочени факти во тужбата, како и докази приложени кон истата, а кои недвосмислено покажуваат прекршување на повеќе законски обврски поврзани со спроведување на ОВЖС за предметната градба и уставно и законски гарантираните права на јавноста да учествува во овој процес “, стои во жалбата на „Фронт 21/42“ до Вишиот управен суд, кој се уште не се произнел.

ИМА ИЛИ НЕМА ПРАВЕН ИНТЕРЕС?

Во одговор кон жалбата на „Фронт 21/42“, Општина Охрид до Вишиот управен суд, пак, навела дека треба да се отфрли жалбата како ненавремена, неуредна и неоснована. Според општината, наводите на невладината за суштествени повреди во постапката се паушални, а решението на првостепениот суд е јасно и концизно. Воедно, според општината, тужителот не го докажува правниот интерес.

„Здружението не е основано или лоцирано во регионот каде се спроведува проектот, не е засегнато од влијанијата на проектот, ниту има регистрирани активности на терен по конкретниот предмет. Според тоа, не може да тврди дека има конкретна и реална поврзаност со предметот на заштита. Правниот интерес не се претпоставува автоматски, туку мора да се докаже со факти и аргументи“, навеле од Општина Охрид.

Дополнително, од таму посочуваат дека градежната дозвола е издадена пред 13 години, па, според нив, нејасно останува како тужителот во оваа постапка и поради кои факти и причини може да се јави како тужител со активна легитимација.

„При една ваква тужба, каде се бара огласување ништовно на одобрение издадено пред 13 години и каде под претпоставка дека инвеститорот инвестирал средства, логично би било да го докаже својот правен интерес, покрај одредбите на Архуската конвенција, која секако дала право, но притоа според домашното законодавство има и обврски покрај правата“, сметаат од општината, нагласувајќи дека овој предмет претставува „лепеза на испреплетени закони и конвенции кои мора да бидат почитувани сите одеднаш“.

Понатаму, од таму истакнуваат дека според Законот за просторно и урбанистичко планирање кој важел во 2012 година и моментално важечката регулатива, не постојат обврски за спроведување на постапка за оценување на влијание врз животната средина, што значи дека нема повреда на еколошки права.

Додека граѓанскиот сектор се чини дека ја губи битката за стопирање на изградбата на хотелот во „Горица 3“ и за враќање на локацијата во првобитна состојба што ја води низ државните институции, тие пак водат битка за зачувување на актуелниот статус на Охрид и Охридскиот регион, со цел да не се најде на листата на загрозени светски наследства или културни наследства под закана.

За потсетување, Охрид за влакно избегна да биде впишан на листата на загрозени светски наследства, откако УНЕСКО неодамна одлучи да ѝ даде простор и рок на Македонија до 2026 година да исполни низа конкретни обврски во насока на заштита на природните и културните вредности на охридскиот регион.

Поточно, Комитетот за светско наследство, на сесијата во Париз по третпат расправаше за статусот на охридскиот регион, во услови кога околу 40 граѓански организации од земјава и од соседна Албанија побараа да влезе на списокот на светски наследства во опасност, со цел да се отвори врата за строго дефиниран процес за санација под постојан надзор на УНЕСКО.

„Имајќи го предвид степенот на досегашната деструкција, итната потреба за реставрација на природните и културните вредности на подрачјето, екстремно загрижени поради сите сè уште нереализирани (усвоени/одобрени) планови и проекти и реалната опасност за неповратното губење на интегритетот и автентичноста, бараме Комитетот да го заштити и зачува охридскиот регион за сите идни генерации“, апелираа дузина невладини организации.

Ако Комитетот донесеше таква одлука, тогаш властите во Скопје и во Тирана ќе добиеја обврска да направат посебен план од корективни мерки за Охрид да биде вратен во „посакуваната состојба на зачуваност“. Иако постоеше нацрт-одлука, која јасно предлагаше впишување на регионот како загрозен поради сериозната деградација на природните и културните вредности, сепак, тоа на крајот не се случи.

Односно, Комитетот одлучи да го усвои амандманот поднесен од македонските претставници, со кој беше побарано да се одложи впишувањето на Охрид на оваа своевидна „црна листа“ на светски наследства во опасност, со што властите добија нови услови, кои подразбираат до февруари 2026 година да достават извештај за преземените мерки за заштита.

Како што е познато, охридскиот регион е прогласен за светско наследство во далечната 1979 година, но во 2019 година, статусот беше проширен и на албанскиот дел од езерото поради природните вредности на Охридско Езеро. Колку за информација, УНЕСКО го става Охрид на ист ранг со Мачу Пикчу во Перу, Пирамидите во Египет, Нијагарините водопади во Канада, Плитвички Езера во Хрватска…

Дали инспектор за животна средина замижал пред пропусти околу хотелот во Охрид поврзан со Мијалкови?!

Слични вести