Невладини организации ќе протестираат против загадувањето

by Фокус

Неколку невладини организации најавуваат протести, доколку најголемите фабрики „Макстил“ и „Југохром“ продолжат со загадувањето. Тие бараат одговорност од Владата за штетниот воздух што го дишат граѓаните. Од таму велат дека ќе излезат на секојдневни протести, ако не се стави клуч на најголемите загадувачи.

Фабриките се должни до 31 октомври да постават еколошки филтри на фабриките, во спротивно можат да бидат затворени. Пред неколку месеци, жителите на Железара секојдневно излегуваа на протести пред Макстил, но досега не успеаја да променат ништо.

Партијата на Лиле Поповска, ДОМ вчера преку соопштение информираше дека е задоволна од најавата на „Макстил“ да прекине да работи од први ноември, сѐ додека не монтира еколошката опрема.

– Токму ова беше нашиот предлог уште пред неколку месеци, кога скопјани протестираа поради загадениот воздух, а ДОМ поднесе кривични пријави за „Макстил“ и „Југохром. Борбата со големите загадувања од „Макстил“ и „Југохром“ дава резултат, што се покажува и со цврстиот став на Министерството за животна средина да не дозволи натамошно продолжување на работа без исполнување на еколошките стандарди – велат од партијата.

Поврзани новости