Дисциплинска мерка која најверојатно ќе се сведе на парична казна од 15 до 20 проценти од платата во рок од шест месеци, е најверојатната казна што ќе ја добие Марија Ристовска-Калешковска, секретарка на началникот на униформираната полиција во СВР Битола, која на својата свадба, набргу по нејзиното вработување, со ловџиска пушка од татко и, како што обвинија од СДСМ, истрелала неколку куршуми во воздух, објави Плусинфо.
– По налог на Јавното обвинителство на Република Македонија започната е дисциплинска постапка која се уште трае. Колешката Ристовска-Калешковска редовно си доаѓа на работа и ги извршува дадените задачи – вели за Плусинфо, портпаролката на битолската полиција Сања Стаматова.
Случајот го обелодени Дарко Каевски, потпретседател на подмладокот на СДСМ. Тој во изјава за новинарите соопшти дека Марија Ристоска-Калешковска на својата свадба не само што се фотографирала со пушка, туку со помош на татко и, таа на веселбата рафално пукала. Каевски покажа и фотографии од свадбата. Тој истакна дека невестата е нововработена секретарка на началникот на униформираната полиција во СВР Битола, Зоран Дуковски.
– Пушката, според информациите што ги имаме е формациско оружје на полицијата и војската и за неа граѓаните не можат да добијат дозвола за поседување и носење. Но, тоа очигледно не важи за нововработената секретарка на началникот на униформираната полиција во СВР Битола. Според информациите што ги имаме, Марија Ристовска Калешковска е тазе вработена, пред извесно време добила и решение за работа во СВР Битола, веднаш по завршувањето на средното економско училиште – обвини Каевски.