Неверојатна кражба во Кавадарци: Стадионот остана без стативи, се трага по сторителите!

by Фокус

Крадец во потрага по железо или пак дрски вандали со цел да направат штета, синоќа на градскиот стадион во Кавадарци ги исекле металните стативи. Фудбалското игралиште останало без двата гола, а случајот бил пријавен во полиција. На стадионот денес излегоа градоначалникот Митко Јанчев и претседателот на управниот одбор на ГФК Тиквеш, Миле Масларков, кои пред медиумите порачаа дека ваквиот чин на вандализам нема да ги скрши, туку напротив, ќе им даде поттик да се направи уште повеќе за градскиот фудбалски клуб „Тиквеш“.

-Ако подлегнеме на вандализмот и на вакви ситуации и притисоци, не ни преостанува ништо, освен да оставиме се на случајност и да се вратиме на последно место во втора лига. Јас сум борец, исто како и тимот околу мене, тие ја имаат мојата поддршка и ќе го надминат овој момент на криза. Ќе одржиме состанок на кој ќе се направи една анализа, со луѓе компетентни во областа на фудбалот, со цел враќање во првата лига. Во моментот општината заедно со Агенција за млади и спорт, имаме распишано тендер од 13 милиони денари, за реновирање и реконструкција на теренот. Замислете, ако се соочуваме со вакви вандализми, ако се уништува нашето добро, кое е на сите граѓани, а не на некој поединец, тоа значи залудно трошење на пари, но и губење на нерви на овие луѓе кои живеат за спортот и вложуваат многу во него – рече Јанчев.

Воедно, тој ги осуди сторителите на овој чин, истакнувајќи:

„Доколку имаат вишок на енергија ги повикувам да дојдат во Општина Кавадарци, има многу попаметни работи каде можат да ја трошат енергијата и да придонесат за општественото добро. Верувам дека тие истите луѓе ниту дома, ниту никаде не донеле никакво добро, само зло! Полициската станица ги превзема мерките да се откријат овие лица, бидејќи ова е недозволиво…

Масларков порача да не се враќа спортот во старо време, туку треба да се оди напред.

-Ќе го вратиме клубот во форма, ќе одиме во првата лига. Ова нема да не поколеба. Полицијата изврши увид, сторителите треба да одговараат, за да во иднина не се повтори вакво недело – изјави претседателот на УО на ГФК Тиквеш.

Вики Клинчарова

Поврзани новости