Невакцинирани се 83 отсто од новите ковид случаи

by Fokus

Од 06.08 до 26.08.2021, 17.020 граѓанин во државата се позитивни од тестираните за КОВИД. Од нив, 2924 лица или 17 отсто се целосно вакцинирани, покажува најновата анализа на Министерството за здравство (МЗ).

Според МЗ, голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со КОВИД, а рапиден е и растот на реинфекции со КОВИД.

-Изминативе три недели, 14.096 граѓани, односно дури 83 отсто од позитивните на КОВИД не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 89, додека само 11 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани, наведува МЗ.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од три седмици на територија на државата починале 276 лица со КОВИД, 246 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 30 (10 отсто) примиле вакцина. Починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.

-Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини Модерна и Џонсон и Џонсон, кои некои од пациентите ги примиле во странство, наведува МЗ.

Поврзани новости