Извинете што родив дете

by fokus

Сега веќе чувствувам потреба да ѝ се извинам на државата, да им се извинам на Заев, на Филипче, на Царовска и на сите со ред… што сум решила да родам дете и да го гледам тука. Да им се извинам што моето дете треба да оди во градинка или во училиште, да им се извинам што некогаш ќе се разболи, па ќе мора да оди на лекар, да им се извинам што сака да оди надвор и да поигра и да им се извинам што сака да живее во нормално семејство, во кое родителите нема да го истураат гневот и фрустрациите врз него.

И сега, откако веќе се преморивме од болестите, од починатите, од децата, од самите себе, треба да собереме сили и да ја почнеме фамозната учебна година со физичко присуство. Учебна година, која во нормални држави е нешто нормално, кога го пушташ твоето дете во училиште, не те интересира дали учебниците што ги учи се соодветни за него, дали училиштето направило тендер за децата да се хранат, колку деца ќе бидат во училницата, дали ќе носат маски, како ќе издржат со маските со часови, дали учителките се вакцинирани, дали родителите се вакцинирани или се антиваксери и не веруваат дека постои короната.

Но, не, ние и пред короната не бевме нормална држава, па сега ќе треба да се исцрпуваме со дебати дали треба да одат децата во училиште или да седат пред компјутер и да слушаат, дали и кој треба да се вакцинира и на крај какви ќе им бидат учебниците. Ќе се водат дебати во вибер-групите меѓу родителите, кој е подобар родител и кој му сака најдобро на детето. И ќе заборавиме дека тоа е работа на институциите, да му обезбедат нормално детство на детето, дури и во ненормална ситуација. И ќе заборавиме дека тие исти институции имаат одговорност и дека ако не се способни да им ги исполнат потребите на децата, треба да има одговорност.

И ќе заборавиме дека тие исти институции повеќе од година и пол не најдоа решение и начин да ни ги згрижат децата. Нѐ врзаа за нив и нѐ оставија да се снаоѓаме кој како знае. Тие што имаа баба и дедо сервиси, супер, а тие што немаат, се жртвуваа и себе, и детето, и семејството, и работата, само за да го чуваат детето. Зашто минатата година, ретко каде имаше дневен престој, а и многу малку знаевме за вирусот, па ги штитевме и децата и семејствата.

Градинките примаа ограничен број деца, и се разбира, само ако имаш врски. И сето тоа до некаде беше разбирливо на почетокот на пандемијата, кога никој ништо не знаеше и кога требаше да бидеме трпеливи за решенија. Но, и сега кога веќе се измислија вакцини и колку-толку се запознавме со новата чума, треба да ги спремиме нервите дека пак ништо нема да функционира. Дека ќе се натегаме во училиштата дали ќе има или ќе нема дневен престој, дали по одредено време ќе се префрлиме на комбинирана или на онлајн-настава.

И најважното, дали детето ќе ти се разболи. Е ако се разболи, треба да имаш врски на Детска клиника за да ти го прегледаат и да ти го лекуваат. Оти инаку ќе те праќаат од матичен на специјалист, па на клиника, па така до бескрај… Значи детето нема да има ниту гарантирано образование, ниту гарантирана здравствена заштита. А, родителите ако не умрат од корона, ќе умрат од гнев или може ќе се испоубијат меѓу себе за тоа кој треба да го чува детето. И сега по сѐ, нема веќе оправдување, не смеете да продолжите да ни ги уништувате и издебилувате децата.

Институциите треба да најдат решение за сите, зашто за тоа постојат. Секое дете што има потреба, да биде безбедно згрижено во градинка, а другите безбедно да одат на училиште. Како ќе го изведат тоа, на крај нас родителите воопшто не треба да нѐ интересира. А државата не треба да ја интересира дали некој има баба, дедо, дали има пари да плати приватно згрижување или има можност да се откаже од работа. И наместо да ги гледаме протестите на антиваксерите, кои веруваат или не веруваат во корона, треба да ги однесеме децата на протест пред Влада зашто неспособноста на институциите им ги уништува и детството и иднината.

Фросина Факова-Серафиновиќ
Фото: Б.Грданоски

Поврзани новости