Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека и дал инструкции на израелската армија (IDF) да се подготви за интензивна војна доколку либанското движење Хезболах го прекрши најновиот прекин на огнот.
„Ако има големо кршење на примирјето, ние ќе дејствуваме секој пат со хируршка прецизност, како што правиме сега, и со сета наша сила“, рече Нетанјаху во првото интервју по стапувањето во сила на примирјето меѓу Израел и Хезболах, објави Times of Israel.
Како што објави ТВ Канал 13, Нетанјаху ќе ги собере своите советници на состанок вечерва „за да се разгледа продолжувањето на војната на други фронтови“.
Израелскиот премиер изјави дека примирјето во Либан може да трае кратко, додавајќи дека Израел го почитувал во текот на првиот ден.
На прашањето зошто Израел не создава тампон зона на југот на Либан, тој рече дека заканата од копнена инвазија е отстранета.
Според неговите зборови, ИД уништила надворешна инфраструктура на границата, како и подземни бункери и тунели, пренесува Танјуг.
Нетанјаху, исто така, рече дека жителите на северот на Израел ќе се вратат дома етапно, „кога ќе почувствуваат дека тоа што го кажува е точно“.