Пред прес-конференцијата на Трамп и Нетанјаху, САД објавија детали од својот предложен мировен план за Газа. Од Белата куќа информираа дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го искористил денешниот состанок со претседателот на САД, Доналд Трамп, за да упати официјално извинување до Катар поради неодамнешниот воздушен напад врз претставници на палестинскиот Хамас во Доха, кој предизвика гнев кај арапските лидери.
Го поддржувам вашиот план за завршување на војната во Газа, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на заедничката прес-конференција со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа.
Израелскиот премиер, осврнувајќи се на мировниот план на Трамп од 20 точки, вели дека тој ќе обезбеди Израел повторно да не биде под закана од Хамас.
Нетанјаху вели дека денешната средба е клучен чекор не само за завршување на војната во Газа, туку и за поставување на масата за мир низ целиот Блиски Исток.
Нетанјаху вели дека сите заложници – живи и мртви – треба да бидат вратени во рок од 72 часа. Според него, на сите треба да им се даде можност да го сторат ова мирно, но ако Хамас го отфрли планот или го прифати, а потоа не го спроведе, „ние ќе ја завршиме работата“, вели Нетанјаху.
„Може да се направи на лесен или на тежок начин, но ќе се направи“, рече тој.
Тој им се заблагодарува на војниците на Израел кои, како што вели, се борат „како лавови“ против „варварството“.
Американскиот претседател Трамп на прес-конференцијата заблагодарувајќи му се на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за прифаќањето на неговиот план за Газа, рече дека на средбата разговарале за завршување на војната во Газа, Иран, трговијата, Абрахамовите договори и поширокиот контекст на „мирот на Блискиот Исток“.
„Многу, многу сме блиску. И мислам дека сè уште сме многу блиску. Ова е веројатно еден од најголемите денови во историјата на човечката цивилизација“, рече Трамп за постигнувањето договор за прекин на огнот за Газа.
Трамп рече и дека ако Хамас го прифати предлогот, сите преостанати заложници ќе бидат ослободени во рок од 72 часа. Според планот, арапските и муслиманските земји се обврзуваат да ја демилитаризираат Газа и да го разоружаат Хамас и сите други терористички организации. Тој додаде дека „слушнал дека Хамас сака и тоа да се случи“.
„Сите учесници ќе се согласат за временска рамка за постепено повлекување на израелските сили од Газа“, продолжи Трамп.