Несреќа што чека да се случи!

by Фокус

Социјалната напрегнатост се доближува до својата точка на вриење и експлозија. Причини за граѓански бунт има многу, останува само да се види кој ќе биде конкретниот непосреден повод. А сувата слама лесно се пали!

Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ

Политичката и правната нестабилност и несигурност до крај ги изострија општествените односи во државава. Бензин на огнот додаде одлуката на Уставниот суд за дрско покачување на платите на „избраните и именуваните“ лица наспроти егзистенцијалната мизерија, токму на оние кои тие лица ги избираат и ги именуваат.

Да видиш, да не веруваш! Од сите одлуки на Уставниот суд, од кои некои делумно, а други воопшто не се спроведуваат (како онаа на Законот за знамињата) токму оваа одлука со која се штитат „правата“ на избраните и именуваните лица мора беспоговорно да се спроведува!

Невидено лицемерие, срам и брука. Во држава во која криминалот и корупцијата се олицетворение на политиката и власта, да се инсистира на „владеење на правото“ е отворено подигрување со граѓаните. Смеење и исмевање во лице.

Таквото однесување државните и политичките „лидери“ (со исклучок на претседателот Пендаровски) само најавува дека долгогодишната, веќе легендарна, борба меѓу Република (Северна) и Република Криминална Македонија навлегува во својата завршна фаза.

КОЈ ЌЕ ПОБЕДИ?

Односот на силите во политиката, правосудството и владеењето со парите од државниот буџет воопшто не се на страната на Република (северна) Македонија. Напротив!

Тие се директно во контекст на нејзина штета, а во корист на оние кои до пладне се кадровски решенија и функционери на Република (Северна), а попладне се кадровски решенија и функционери на Република Криминална Македонија.

Судејќи според судбината на поранешното Специјално јавно обвинителство и неговиот прв и последен „шеф“ Катица Јанева, како и според судбината на првата шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, нема дилеми дека од „борбата“ против организираниот криминал и корупција остануваат само празните зборови. Делата зборуваат за нешто друго.

„Случајните“ застарувања на обвиненијата за одделни случаи, проблематичните и дискутабилни одлуки на одделни судии, како и поединечните „случајни“ пропусти и недостатоци во обвиненијата на одделни обвинители сами по себе кажуваат многу.

Тоа „многу“ во целост ги демантира изјавите на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, како и на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, за присуството на организираниот криминал и корупција во самите правосудни органи.

КОЈ Е ВО ПРАВО?

Токму затоа треба да се види кој е во право? Дали тие што се на врвот на правосудната пирамида и тврдат дека криминалот и корупцијата во правосудството се спорадични или, пак, граѓаните кои се драматични 96-97 проценти укажуваат на присуството на организираниот криминал и корупција во правосудниот систем?

Тоа го поставува прашањето чиј е правосудниот систем – на Република (Северна) или на Република Криминална Македонија?

Кога ќе се земат предвид сите овие поединечни составни делови на политичкиот систем и политичкиот живот во државата – сиромаштијата на граѓаните наспроти баснословните плати на „избраните и именувани“ функционери, непостоењето правна држава и дивеењето на криминалот и корупцијата токму во институциите на системот, од ден на ден отворено и драматично ќе се поставува прашањето каде, кога и каква ќе биде разврската на таквата состојба.

Социјалната напрегнатост се доближува до својата точка на вриење и експлозија. Причини за граѓански бунт има многу, останува само да се види кој ќе биде конкретниот непосреден повод за него.

А сувата слама лесно се пали!

Поврзани новости