Нешто смрди!

by Fokus

Загадувањето на воздухот може да се реши, долготраен, но едноставен е процесот. Ние успеавме од илјадници да го намалиме на стотици. Но, некој треба да ја доврши работата. Коалицијо Девица (ДПМНЕ + Левица), доста се занимавате со смрдени бизниси, засукајте ракави и решете ја смрдеата на воздухот

 Пишува: Стефан БОГОЕВ

Зимата неминовно нѐ асоцира на Нова година, Божик, снег и зимски моменти со најблиските. Kај нас веќе со децении зимата асоцира и на загадување на воздухот.

Аерозагадувањето е микс на повеќе фактори. Некои од тие фактори се константа, не може да ги промениме, а другите зависат од сите нас директно.

На пример, факт е дека Скопје е сместено во котлина и традиционално секоја зима има магла, а со тоа и идеални предуслови за зголемено загадување (маглата сама по себе не е загадување).

Недостигот од ветришта кога има магла навистина знае да ја закомплицира ситуацијата и мерните станици да покажат високо загадување. На овие фактори ние луѓето не можеме да влијаеме.

Но, греењето на домаќинствата, издувните гасови од возилата, запирањето на ветрот со нови градби, палењето кабли на отворено или погони што загадуваат се работи што директно зависат од нас, луѓето.

Тука секако најголема одговорност имаат тие што ги носат одлуките и ги раководат институциите. И кога ќе се спомне загадување, честопати луѓето велат „никој ништо не прави“. Ајде да видиме дали е така!?

ШТО НАПРАВИВМЕ НИЕ?

 Според најновата студија за загадувањето изработена од Министерството за животна средина, а финансирана од УНДП и СИДА, примарен извор на загадување во Скопје и поголемите градови е греењето на дрва во домаќинствата.

Затоа во минатиот мандат, ние, градоначалниците на СДСМ, субвенциониравме со ЕСМ замена на печки на дрва со клима-инвертери. Десетици илјади домаќинства го заменија начинот на загревање и сега не загадуваат.

Зошто оваа акција не ја продолжија со ист интензитет градоначалниците на ДПМНЕ, не знам, но знам дека токму тоа е еден од главните начини како да се намали аерозагадувањето.

Второ, менувавме и котли на мазут и нафта што загадуваат со еколошки системи на греење или фотоволтаици во некои од градинките. Така сме намалиле илјадници килограми на штетни честички во воздухот или во нечии бели дробови.

Покрај тоа, речиси во сите општини предводени од СДСМ имаше и интензивна промена на прозорци и врати или обнови на фасади на градинки и училишта со цел енергетска ефикасност.

Сега вакви активности во општините предводени од ДПМНЕ и Левица може да се набројат на прсти. На една рака!

Воведовме субвенции на велосипеди и тротинети како превоз што не загадува, градот набави еколошки автобуси, садевме илјадници нови дрвја секоја година, расчистувавме депонии, санкциониравме потпалувачи, набавувавме нови машини во општините за одржување на хигиената.

Можевме и повеќе и грешевме, но едноставно екологијата ни беше во фокусот! Од тоа не отстапивме. И имавме ефект. Сетете се дека пред 8 години, ПМ10 и ПМ 2.5 честичките ги меревме во илјадници, а сега во сто до двесте.

ЕКОЛОГИЈАТА НА МАРГИНИТЕ

 Сето тоа е резултат на ова што погоре го набројав. Четири години се премалку за да се реши, но работевме на случајот. И бројките покажуваат дека сме успеале да намалиме.

А што се случува сега!? Екологијата е во фокусот, но за криминал.

Мицкоски и Арсовска се скараа за тендер за пречистителна станица од 130 милиони евра што СДСМ ги обезбеди. Така тие гледаат на екологијата.

Го нема бесплатниот автобуски превоз што го ветуваа и кој ќе го намали загадувањето. Нема нови еколошки автобуси и нема еко јавен превоз.

Дури и постојниот е нередовен и граѓаните се принудени да влезат во возило и да загадуваат. Па, видете ги, дури нема градоначалник од ДПМНЕ што воопшто спомнува екологија.

Ниту дивите депонии се чистат, ниту се санкционираат загадувачи, а се штанцаат одобренија за градење згради, кои дополнително ќе го задушат градот.

Ставките за животна средина во општините на ДПМНЕ и Левица се на најниско историско ниво!

А загадувањето на воздухот може да се реши! Долготраен, но едноставен е процесот. Ние успеавме од илјадници да го намалиме на стотици. Но, некој треба да ја доврши работата.

Коалицијо „Девица“ (ДПМНЕ + Левица), доста се занимавате со смрдени бизниси, засукајте ракави и решете ја смрдеата на воздухот.

Власт сте во општините и во градот Скопје, одговорноста е ваша!

(Авторот е потпретседател на СДСМ)

Поврзани новости