Нешто малку над нулата

by Fokus

Со вакви политичари не може да се изгради модерна и стабилна држава, а токму поради таквото нивно однесување, политиката стана една од најнечесните професии што не бара ниту знаење, ниту умеење, туку е начин и средство за богатење и стекнување моќ

Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

По извршениот попис, за кој сѐ уште се зборува и се кршат копја, а кој покажа колку сме некадарна и хаотична држава без компас и правец, дојде време да се прават анкети за кормиларите што ја водат државата.

Во теренската анкета што ја спроведе ИПСОС, добиени се резултати на неколку поставени прашања, кои покажуваат дека Христијан Мицкоски, лидерот на најголемата опозициска партија, е политичарот со најголема доверба од народот, со 9 отсто, претседателот Стево Пендаровски со 6 отсто , потоа премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски со 4 отсто, претседателот на Левица Димитар Апасиев, со 3 отсто, колку што има и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, лидерот на Алијанса на Албанците Зијадин Села и поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев со 2 отсто доверба.

ДВЕ ТРЕТИНИ ОД НАРОДОТ НЕ ВЕРУВА

Ако ги соберете резултатите, многу лесно ќе утврдите дека сите заедно имаат 29 отсто доверба што народот би им ја дал, што значи дека повеќе од две третини од народот не им верува.
Ваквите резултати покажуваат и колку секој од политичарите е влијателен и почитуван, но и колку се реално неговите политички достигнувања. Кај сите нив резултатите се одвај малку над нулата, па би било добро да размислат колкав е нивниот кредибилитет и право да си играат со државата, народните пари и со националните интереси.

Наместо да се перчат и фалат со своите достигнувања, а кои ги немаат, би требало да стават прст на чело и добро да размислат што воопшто бараат таму каде што се.

Ситуацијата ништо не е подобра, ниту кога се во прашање политичките партии. Според спроведената анкета, ВМРО-ДПМНЕ со 18,2 отсто, СДСМ со 9,5 отсто, ДУИ 4,1 отсто, Левица 4,0 отсто, Алијанса за Албанците 3,5 отсто, БЕСА 1,2 отсто, Алтернатива 0,7 отсто, ДПА 0,4 отсто, ЛДП 0,2 отсто и други политички партии со 1,2 отсто доверба од народот, или сите заедно, одвај околу 38 отсто од народот или две третини од народот нема доверба во ниту една политичка партија , а 24,6 отсто се тие што се изјасниле дека нема да гласаат за никого.

Во ситуација кога државата е заробена, сите институции партизирани, општествениот живот комплетно замрен, а политиката доминантна и диктира, и со правниот, и со економскиот систем, се поставува прашањето како со ваква ниска доверба со децении ја урнисуваат државата и корумпираат сѐ што ќе допрат.

ПРАВНИОТ СИСТЕМ НЕ ФУНКЦИОНИРА

Одговорот е повеќе од очигледен, затоа што правниот систем не функционира, судството не е самостојна и независна власт, туку измеќар на извршната власт, алатка за справување со политичките неистомисленици и дисциплинирање на опонентите, а на тој начин власта станува недопирлива, неодговорна и однародена.

Наместо да се засрамат со таков низок рејтинг и процент на доверба, тие уште се фалат и перчат како имаат двојно поголема доверба од политичкиот противник , а тоа се одвај десет проценти на двајцата заедно.

Во заблуда се, или сакаат да мислиме дека се во заблуда, тие што тврдат дека ваквиот рејтинг на политичарите зависи од перцепцијата на народот, која е поттикната и обликувана од пишувањето на новинарите.

Процентот на довербата, односно на недовербата на народот зависи единствено од нивниот реален живот, кој е на работ на егзистенцијата и проблемите со кои се судруваат секојдневно од една страна и корупцијата, апашлукот и безмилосното крадење на поединци без правна разврска и казна.

Ако на сето ова се додаде и фактот дека со децении поради некакви налудничави идеи и визии се гази националниот идентитет и се прекројува македонската историја, не е ниту чудо што процентот на доверба е толку низок. Не изненадува ниту иселувањето на младите, како ни резултатите од анкетата, кои покажуваат дека речиси 60 отсто од младите имаат намера или планираат да се иселат.

Со вакви политичари не може да се изгради модерна и стабилна држава, а токму поради таквото нивно однесување, политиката стана една од најнечесните професии, која не бара ниту знаење, ниту умеење, туку е начин и средство за богатење и за стекнување моќ.

Поврзани новости