Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Васко Наумовски, кој е последен македонски амбасадор во САД, во изјава за Фокус вели дека со непополнувањето на амбасадорските места во амбасадите во пријателски држави, како што е случајот и со САД, се испраќа лоша порака и кај државата домаќин, но се создава и претстава за недоволно сериозен пристап на македонската дипломатија воопшто.
-Доколку во минатото се бараше алиби во кохабитацијата, во изминатите три години не може да се најде оправдување за оддолжувањето на оваа постапка за избор на амбасадори во значајните дипломатско-конзуларни претставништва. Дополнителен проблем се и недоволните човечки и финансиски ресурси за соодветно функционирање на ДКП-та, што е еден долгогодишен проблем – објаснува Наумовски.
Тој истакнува дека постојат доволно квалитетни поединци и во МНР и надвор од него кои имаат капацитет соодветно да ја претставуваат државата, меѓутоа, како што потенцира, изборот на кадрите треба да биде заснован на нивното знаење, искуство и дипломатски вештини, со цел тие да можат успешно да одговорат на предизвиците.
-Проблемот е што, при постапката за избор, не секогаш доминираат овие карактеристики, што делува обесхрабрувачки за младите дипломати, како и за оние што имаат желба да работат во македонската дипломатија, и воопшто во администрацијата – посочува Наумовски.
По долгогодишните критики дека државата се однесува несериозно со тоа што остава амбасади во клучни држави без амбасадори, периодов жестоки реакции предизвикаа одредени кадровски решенија за некои дипломатско-конзуларни претставништва, пред се за Њујорк, каде првично беше испратена тв-презентерка без соодветно искуство, но под притисок на јавноста владата ја повлече оваа одлука.
В.С.