Ковачевски и Петков од Минхен најавуваат интензивирање на дијалогот

by fokus

Претседателот на македонската влада, Димитар Ковачевски и претседателот на Министерскиот совет на Република Бугарија, Кирил Петков денеска остварија средба на маргините на Минхенската безбедносна конференција. Премиерите изразија задоволство од досегашниот напредок на билатералната соработка и најавија нејзино интезивирање.

-На средбата, на која присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи, беше изразено задоволство од напредокот на билатералната соработка низ активностите на работните групи и конкретните активности за соработка кои произлегоа до сега. Двајцата премиери најавија интензивирање на соработката и дијалогот и за прашањата за кои треба да се најдат решенија на политичко ниво, во периодот кој следува, информира владината прес-служба.

За двете земји и за граѓаните од најголема придобивка, се додава во соопштението, е што поскоро да се дојде до квалитетни решенија поддржани и прифатени од двете страни.

Како сојузници во НАТО, премиерите Ковачевски и Петков споделиле дека од особено значење е и безбедносната состојба во регионот на Западен Балкан и Европа и се согласиле дека и интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ е фактор за општата безбедност и сигурност.

Поврзани новости