Неразумен компромис

by lali

djelalАко се водиме според онаа мисла дека компромис е кога и двете страни не се задоволни од договорот, тогаш слободно можеме да кажеме дека со Договорот од Пржино, кој има за цел да ѝ стави крај на политичката криза во Македонија, е постигнат компромис помеѓу режимот и опозицијата.

Со овој Договор не може да бидат среќни ниту Груевски, ниту Заев. Се чини дека борбата за неговата имплементација допрва почнува и ќе трае до објавувањето на резултатите од парламентарните избори на крајот од април 2016 година.

Груевски ќе треба да си поднесе оставка некаде во средината на декември. Дополнителено, од овие избори ќе биде воведена пракса актуелната Влада 100 дена пред секои наредни парламентарни избори да си даде оставка. Со ваквото решение ниту е исполнето барањето на опозицијата Груевски да не биде премиер, ниту пак тврдењето на режимската ДПМНЕ дека Груевски нема да си поднесе оставка.

ВЛАСТА И ОВОЈ ДОГОВОР МОЖЕ ДА ГО ПРОГЛАСИ ЗА ТОАЛЕТНА ХАРТИЈА

Клучните министерства, како што се МВР, Финансии, Земјоделие, Труд и социјала и Правда, ќе бидат поделени во однос 3:2 за режимот, со тоа што во сите пет министерства ќе има заменик министер од спротивната страна кој ќе има право на вето. Со ваквото решение се чини дека СДСМ е во полоша ситуација, затоа што со системот на блокада режимот ќе се обиде да ги одржува нефункционални министерствата.

Опозицијата на министерските места во МВР и Труд и социјала, како и на заменичките места во Финансии, Правда и Земјоделие мора да постави вистински професионалци кои освен што ќе си ја знаат работата, ќе треба да бидат и „булдожери“ кои ќе мора да ја истуркаат агендата и покрај сите кочници и можни вета.

Ако на тие позиции дојдат луѓе кои не се способни, тогаш од октомври до април тие ќе можат само да си ги запознаат секретарките и шоферите, како и да дадат само по некоја изјава. Пример е следново: покрај сите кукања дека економијата трпи поради опозицијата, Владата деновиве ќе си изгласа ребаланс на буџетот, со кој државната каса за оваа година ќе тежи над три милијарди евра.

Следи изборна година, а режимот уште сега сака да се обезбедат пари и да се направи ребаланс додека не дошле министрите со врзани потписи. Знае режимот дека приоритет му е да го одржува клиентелизмот. Тоа што ќе нѐ задолжат за дополнителни 300 милиона евра – не им е гајле! Што знае македонскиот граѓанин што е тоа „должен како Грчка“?

Ова е прв сигнал дека власта е спремна и Договорот од Пржино да го прогласи за тоалетна хартија ако процени дека ѝ е потребно. А вториот сигнал е неодржувањето на првиот состанок помеѓу комисиите со кои треба да започне имплементацијата на Договорот.

СИТЕ НАДЕЖИ ВО СПЕЦИЈАЛНИОТ ОБВИНИТЕЛ

Ќе треба да се избере и нов Специјален обвинител, кој ќе постапува за аферите кои се излезени по објавувањето на „бомбите“ од страна на опозицијата. Изборот на нов Специјален обвинител за специјалните материјали на опозицијата значи дека Зврлески останува Јавен обвинител за сѐ останатото.

Сепак, од ваквото компромисно решение посреќна е опозицијата, која очекува дека новиот Специјален јавен обвинител ќе има капацитет да постапува по содржините на прислушуваните разговори, а тоа, со други зборови, значи дека дури и пред изборите може да се случи Груевски, Јанкуловска, Миле Јанакиески, Мартин Протуѓер и останатите ликови од „бомбите“ да бидат „влечени“ по судови со сериозни обвиненија, па и да им се одредат притвори. Таквата разврска би влијаела и врз расположението кај граѓаните, кои дополнителено би биле ослободени од стравот.

Исто така, ќе мора да се разговара и за Јавниот сервис, Агенцијата за медиуми, ДИК и другите полуги на режимот, а решенијата од тие разговори ќе треба да бидат и одговор на забелешките од Извештајот на Прибе.

Прочистувањето на избирачкиот список ќе треба да се направи во координација со новото раководство во МВР. Опозицијата мора да инсистира на сериозно прочистување на списокот и одвојување во посебен список на оние кои имаат наше државјанство ама живеат надвор од Македонија. Ако тоа не биде направено, изборите во април ќе бидат уште една фарса.

Очигледно е незадоволството од овој Договор, кој после сѐ на Груевски му пружа шанса да излезе како победник, а на опозицијата ѝ ги врза рацете да продолжи со објавувањето на „бомбите“. Опозицијата ни остана должна за вистината за Смилковско езеро, како и за вистината за пропаднатиот попис на населението. Се надевам дека ќе најде вистински начин да се одолжи.

Поврзани новости