Странските туристи кои преку пакет аранжмани од „Томас Кук“ се наоѓаат во Грција, над 50 илјади, без проблеми се враќаат во нивните земји, а процесот се одвива непречено, вели министерот за туризам на Грција Харис Теохарис, jави дописничката на МИА од Атина.
Тој додава дека Министерството за туризам е во отворена комуникација со амбасадите на Белгија, Холандија и Германија, земјите кои што се засегнати од банкротот на британскиот туроператор.
-Процесот на враќање на странските туристи, околу 30 000 кои заедно со 25 000 Британци надминаа 50 000, продолжува непречено. Било какви проблеми што појавуваат, ги решаваме што е можно поскоро. Веќе испративме упатства до Регионалните служби за туризам и тие испраќаат инструкции до Федерацијата за туризам, до комората на хотелиери и до Федерацијата на хотелиери за дополнително да бидат информирани нивните членови, вели Теохарис.
Во однос на последиците од банкротот на „Томас Кук“, министерот за туризам на Грција, истакнува дека не треба да има сомнеж дека грчката влада ќе ги поддржи грчките туристички бизниси.